Плаќањето туристичка такса или користењето јавен тоалет за 50 центи станаа вообичаени, речиси очекувани трошоци при патување во Европа. Сепак, туристите сега ги дочека ново изненадување на шпанска плажа – тушеви кои се наплаќаат по минута.
Нов „паметен туш“ се тестира на плажата Коста де ла Луз во Маталасканас, за кој капачите мора да платат во готово или преку QR код. Тушот е воведен за заштеда на вода, а се проценува дека една минута туширање би можела да чини околу едно евро, што значи дека едно четиричлено семејство би морало да потроши четири евра за да ја исплакне солта на крајот од денот.
Мештаните не се воодушевени од новиот концепт. „Разбирам дека водата е скапоцена, но ова е ужасно. Дали морам да се туширам со телефонот во рака?“, рече еден локален жител. Друг изрази загриженост на социјалните мрежи дека ова е само почеток и дека ваквите потези „го нормализираат плаќањето за апсолутно сè“.
Туристите низ Европа сè повеќе се соочуваат со неочекувани такси, а ова се само некои од нив, пишува „Дејли Меил“.
Во италијанските ресторани е вообичаено ставката „коперто“ да се појави на крајот од сметката. Додека во нашата земја генерално се подразбира дека прибор за јадење и евентуално корпа леб се вклучени во цената, во Италија ова може да се наплати дополнително, обично неколку евра по лице.
Оваа практика ги збунува туристите. „Во моментов сум во Венеција и го обожавам градот, но што е со сите овие такси за леб и грицки? Не ги нарачуваме, а кога ќе ги донесат на масата и ќе кажеме дека не сме ги нарачале, ни велат дека доаѓаат со пијалок, а потоа ни наплаќаат! Можеме ли да одбиеме да платиме за тоа?“, се пожали еден турист на социјалните мрежи.
Скапо изнајмување лежалки и чадори за сонце
Одморањето на плажа од многумина се смета за бесплатен начин да се ужива во сончев ден, но во многу популарни туристички дестинации тоа веќе не е случај. Многу плажи и клубови на плажа наплаќаат за користење на лежалки и чадори за сонце, а овие трошоци можат брзо да се акумулираат.
На пример, една плажа во Палма де Мајорка, драстично ги зголеми своите цени ова лето, достигнувајќи до 70 евра во некои случаи. Дневното изнајмување на стандардна лежалка и чадор сега чини 10 евра, додека во 2019 година беше 6 евра. Цената на премиум лежалките скокна од 30 на 45 евра дневно, а изнајмувањето луксузни балиски кревети чини 70 евра, во споредба со 45 евра.
Наплата за споделување оброци и дополнителни чинии
Туристите понекогаш одлучуваат да споделат оброк, особено ако не се многу гладни или ако вечераат со дете. Сепак, некои ресторани се обидуваат да го спречат ова однесување. Семејство кое вечерало во австриска пицерија во областа Грискирхен било запрепастено кога забележало необично правило во менито.
Ресторанот ја истакнал напомената „Нашите пици се наплаќаат по лице“, со што ефикасно се забранува споделувањето. Со пици што почнуваат од 11 евра, семејство со две мали деца би се соочило со сметка од речиси 40 евра.
Овој потег е дел од поширок тренд во Австрија, каде што рестораните сè повеќе воведуваат дополнителни трошоци за споделени јадења, нарекувајќи ги „украдени садови“. Гостите кои бараат дополнителна чинија за да споделат оброк може да се соочат со трошоци до 8 евра.
Сличен случај беше пријавен во Италија, каде што еден бар на езерото Комо предизвика бес во 2023 година откако им наплати на гостите 2 евра само за да го пресечат сендвичот на половина.
Дали сакате мраз со тоа?
Кога нарачувате пијалок, очекувате дополнителни работи како парче лимон или мраз да бидат вклучени во цената. Но, тоа не е секогаш случај, како што откри една туристка во бар на плажа на Коста дел Сол во Шпанија. Таа нарачала ладно кафе и открила дека ѝ наплатиле дополнителни 50 центи за две коцки мраз, со што нејзината вкупна сметка достигнала 4,50 евра.
„Нарачав ладно кафе и ми наплатија дополнително за две коцки мраз. Дали е ова нормално?“, напиша таа на Фејсбук, според Дејли Меил.
Дејвид Рамирез, портпарол на барот, одговори на нејзината објава: „Апсолутно сте во право, самиот мраз не е скап, но многу луѓе не ја гледаат вистинската цена зад него. Користиме професионална индустриска машина за мраз која нè чинеше над 9.800 евра и користи значителна количина електрична енергија дневно. Покрај тоа, тука е и персоналот кој подготвува и служи пијалоци, како и мебелот и летниковците во кои инвестиравме за да можат нашите гости удобно да уживаат во своето кафе токму на плажа. Можеби изгледа како мала работа, но толку мали додатоци помагаат да се покријат високите оперативни трошоци.“
Постелнина и крпи како дополнителна услуга
Повеќето туристи претпоставуваат дека постелнината и крпите се вклучени во цената при резервација на сместување. Сепак, некои гости биле непријатно изненадени кога им било наплатено дополнително за овие основни работи.
Еден турист опиша необична ситуација со хотел во Фиренца на TripAdvisor.
При резервацијата, тој проверил дали сместувањето има климатизација и сеф, но не обрнал внимание на ситните букви каде што пишувало дека постелнината и крпите дополнително се наплаќаат. Друг патник тврди дека за време на престојот во Рим му наплатиле 34 евра „за постелнина и крпи за три лица“./Извор:Makfax


