Собранието на денешната седница го донесе Законот за јавнообвинителска служба со што се прави значаен исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство.
Новиот закон претставува суштинска реформа која воспоставува современ и функционален систем за управување со јавнообвинителската служба, усогласен со европските стандарди и реалните потреби на јавните обвинителства.
Законот воведува посебен систем за управување со човечките ресурси, со поедноставени и поефикасни постапки за вработување, намалена зависност од надворешни институции и избор на најстручните и најквалитетните кадри.
Особено внимание е посветено на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници. Се воспоставува јасна вертикална кариера и реални можности за професионално напредување до највисоките раководни позиции во службата.
Со законот значително се зајакнува и улогата на Советот на јавнообвинителска служба, кој добива пошироки надлежности во областа на кадровската политика, дисциплинската одговорност и заштитата на правата на вработените, што дополнително придонесува за изградба на професионална, независна и одговорна јавнообвинителска служба.
Една од најзначајните придобивки е и унапредувањето на материјалната положба на вработените. Законот воведува нов систем за пресметка на платите, со кој зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата. Со тоа се обезбедуваат поголема финансиска сигурност, правична валоризација на трудот и подобра мотивација на вработените, а согласно колективниот договор предвидено е и етапно зголемување на платите.
Истовремено, се воспоставува потранспарентен и поефикасен систем на дисциплинска одговорност, со прецизно дефинирани дисциплински повреди, дисциплински комисии и право на жалба пред Советот на јавнообвинителска служба, со што се гарантира дополнителна заштита на правата на службениците.
Законот овозможува и поголема флексибилност во управувањето со човечките ресурси преку појасно уредени механизми за распоредување и преземање на службеници меѓу јавните обвинителства, со што ќе се обезбеди побрзо пополнување на работните места и поефикасно искористување на расположливите кадровски капацитети.


