Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешните пратенички прашања го повика премиерот Мицкоски, да одговори кој е виновен за нула исполнетите ветувања на Владата на ВМРО и за згубените две години. Филипче нагласи дека ВМРО нема исполнето ниту 10% од ветувањата во програмата.
„Една голема нула, нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. Моето прашање е просто, едноставно, кој е виновен за овие неисполнити ветувања? Кој е виновен, премиере, за овие две изгубени години? Половина мандат помина, ќе излезете ли и ќе кажете ли пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте. И ве молам немојте да барате, повторно, виновник. Немојте да сум виновник јас или СДСМ“, рече Филипче.
Тој додаде дека за овие две години граѓаните добија само поскап живот и празни паричници.
„Ветивте поголем животен стандарт. Животниот стандарт е намален. Сиромаштијата е зголемена. На едно четиричлено семејство му се потребни најмалку 70.000 денари за да го протурка месецот и тоа за најосновните потреби. Кога таа потрошувачка кошничка малку ќе се прошири, онака како што реално е, потребни се 80.000 и 90.000 денари.Ниту едно ветувања не испорачавте. Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институцији, не добија правда и не добија европска иднина“, рече Филипче.


