Пекинг денеска соопшти дека го поздравува потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу претседателите на Соединетите Американски Држави и Иран, со кој се повикува на итен прекин на непријателствата и ги повика двете страни на компромис во следната фаза од преговорите.
Потпишувањето „има позитивно значење за ублажување на тензиите и зајакнување на сегашниот моментум кон прекин на огнот. Кина го поздравува овој развој на настаните и се надева дека сите вклучени страни, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави и Иран, ќе го почитуваат духот на договорот и совесно ќе ги исполнат своите обврски“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џиан.
„Кина се надева дека и Соединетите Американски Држави и Иран ќе пристапат кон втората фаза од преговорите рационално и прагматично и ќе направат меѓусебни отстапки“, додаде тој за време на редовната прес-конференција во Пекинг.
„Ова е критичен момент“
Портпаролот потсети на дипломатските напори на Кина и поддршката за медијацијата на Пакистан. Кина „ќе продолжи да игра активна и конструктивна улога во постигнувањето траен мир и стабилност на Блискиот Исток и регионот на Заливот“, рече тој.
„Во овој критичен момент, сите релевантни страни, вклучително и Израел, треба да дејствуваат во интерес на регионалниот мир и стабилност“ и во корист на дипломатијата „а не на нивна штета“, рече тој кога беше прашан за продолжувањето на израелските воени операции во Либан./Извор:Makfax


