Centar.mk
СВЕТ

Сите осум членови на екипажот загинаа во падот на американскиот бомбардер Б-52

Осум лица, вклучувајќи двајца вработени во Боинг, загинаа кога бомбардер Б-52 на американските воздухопловни сили се урна кратко по полетувањето од воздухопловната база Едвардс во Јужна Калифорнија.

Несреќата се случи во понеделник во 11:20 часот по локално време за време на рутинска тест мисија. По падот на бомбардерот се издигна огромен облак од црн чад во воздухот што можеше да се види од километри.

„Денес воздухопловната база Едвардс доживеа ужасна трагедија и изгубивме осум одлични Американци“, рече полковникот Џејмс Хејс, опишувајќи ги жртвите како „мешана екипа од воен персонал, владини службеници и изведувачи“.

Причината за несреќата е непозната

Базата претходно соопшти дека првичните индикации биле дека „никој не можел да ја преживее“ несреќата. Хејс на прес-конференција изјави дека семејствата на жртвите биле известени и дека нивните имиња ќе бидат објавени 24 часа откако ќе биде завршено известувањето на најблиските роднини.

Според него, несреќата била „целосно ограничена“ на областа на пистата во воздухопловната база Едвардс, што предизвикало привремено прекинување на сите операции таму.

Бомбардерот Б-52 учествувал во програма за модернизација на радарските системи на базата, се урна веднаш по полетувањето и се запали.

„Откако ги прегледавме првите снимки, заклучивме дека станува збор за несреќа без можност некој да се спаси и без шанси за преживување“, рече Хејс.

Причината за несреќата сè уште не е утврдена. Хејс најави дека ќе има повеќе истраги што би можеле да траат до 30 дена, додека подетална анализа на причината би можела да потрае повеќе од шест месеци.

Во посебна изјава, „Боинг“ потврди дека двајца од неговите вработени биле меѓу членовите на екипажот и дека компанијата била во контакт со нивните семејства. „Боинг“ одби да коментира понатаму за случајот.

Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, ја нарече несреќата „трагичен настан“ на социјалните мрежи и изрази сочувство до семејствата на жртвите и заедницата на воздухопловната база „Едвардс“./Извор:Makfax