Centar.mk
фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
БИЗНИС

Божиновска: Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во енергетиката и инвестициите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Истанбул учествуваше на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција, значаен економски настан посветен на продлабочување на билатералната соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства меѓу компаниите и институциите од двете држави.

Форумот ги обедини претставниците на владите, институциите и бизнис-заедниците од Македонија и Турција, со цел унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување на нови инвестициски иницијативи. На форумот учествуваше висока македонска владина делегација, предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во чиј состав се и ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.

Во рамки на форумот, министерката Божиновска говореше на панел-дискусијата „Билатерална соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување“, каде ги претстави можностите што ги нуди Македонија во секторите енергетика, рударство и минерални суровини, како и реформските процеси насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна инвестициска клима.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на Македонско-турскиот бизнис форум во Истанбул, оствари билатерална средба со министерот за трговија на Република Турција, проф. д-р Омер Болат.

На средбата беше потврдена заедничката заложба за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете пријателски земји, со посебен акцент на енергетиката, рударството, минералните суровини и привлекувањето нови инвестиции.

Средбата претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на македонско-турските односи и потврда на заедничката определба за продлабочување на економската соработка, привлекување инвестиции и создавање нови можности за одржлив развој и просперитет на двете земји.

фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини