Речиси десет илјади граѓани побарале самоисклучување од учество во игри на среќа откако во август 2025 година во Хрватска беше воспоставен Регистар на исклучени играчи, кој им овозможува на лицата со проблеми со коцкање да се забранат од сите приредувачи на игри на среќа во земјата.
Податоците на Хрватскиот завод за јавно здравје покажуваат дека до 25 мај во регистарот се запишани 9.615 граѓани, при што речиси 90 отсто од барањата се однесуваат на трајно исклучување.
Граѓаните можат да поднесат барање преку системот е-Граѓани, што го искористиле најголемиот дел од пријавените, додека околу една третина од барањата биле поднесени директно преку приредувачите на игри на среќа. Вкупно 1.536 лица поднеле барање за повторно вклучување по истек на периодот на забрана.
Сите лиценцирани приредувачи на игри на среќа се поврзани со регистарот и се должни да го проверуваат статусот на играчите преку матичен број пред да им овозможат учество. Во автомат-клубовите и казината идентификацијата се врши при влез, додека истото важи и за онлајн игрите. Лотариите се сметаат за игри со „низок ризик од зависност“ и за нив не е задолжителна идентификација.
Регистарот на исклучени играчи е воведен во 2025 година со измени на Законот за игри на среќа. Доколку приредувач не го почитува регистарот, се предвидуваат високи парични казни.
Според податоците, проблематично коцкање е присутно кај 1,7 отсто од возрасните граѓани, додека кај младите е значително позастапено. Истражувањата покажуваат дека 22 отсто од учениците на возраст од 15 и 16 години учествувале во некаква форма на коцкање во последната година.
Иако сè уште е рано да се проценат ефектите од регистарот, надлежните институции сметаат дека големиот број пријави покажува зголемена свест кај граѓаните и интерес за заштита од проблематично коцкање./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


