Стартува третата фаза од проектот е-Фактура, во рамки на која Управата за јавни приходи овозможува тестирање на системот е-Фактура преку веб апликација, со цел компаниите да добијат пристап до практична тест околина за електронска размена на фактури.
Во првата фаза се тестираше интеграцијата на ЕРП системите на компаниите со системот е-Фактура.
Во втората фаза се додадени API сервиси за преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на е-Фактура и се овозможи тестирање на повеќе даночни индикатори. Со овие измени се промени структурата на API повиците и JSON форматот, поради што компаниите повторно ги прилагодија своите системи согласно новите спецификации објавени на https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Во третата фаза, се преминува на веб апликација, преку која секоја компанија – мала, средна или голема, може едноставно да тестира креирање на документ, испраќање, прифаќање, одбивање и сторнирање. Апликацијата овозможува тестирање на општата фактура со 12 даночни индикатори. Со веб апликацијата се овозможува поедноставен пристап до тест околина за сите деловни субјекти, независно од нивната големина или техничка подготвеност, а воедно се поттикнува постепена подготовка за примена на системот за е-Фактура.
Воедно, со цел тестирањето да биде структуирано, Управата за јавни приходи воспостави соработка со околу 200 компании – избрани тестирачи, коишто во соработка со назначени даночни агенти од УЈП ќе спроведуваат структуирано тестирање. Притоа, ќе се тестираат избрани тест сценарија и компаниите континуирано ќе доставуваат повратни информации до Управата за јавни приходи.
Управата за јавни приходи континуирано спроведува едукативни средби за компаниите преку стопанските комори, бизнис заедницата и останати здруженија. Досега се одржани приближно 30 информативно-едукативни средби, на кои беа презентирани клучните аспекти на системот и процесите поврзани со е-Фактура.
Во соработка со стопанските комори, во наредниот период предвидено е организирање дополнителни средби со компании во повеќе региони низ државата, со цел нивно подетално запознавање со функционалностите и начинот на користење на системот е-Фактура.
Во наредниот период исто така ќе бидат објавени и вебинар и детално упатство, кои ќе им послужат како дополнителна поддршка на сите компании што самостојно ќе ги тестираат процесите за креирање и размена на е-Фактури.
Управата за јавни приходи ги повикува компаниите активно да ја тестираат веб-апликацијата и да доставуваат забелешки, предлози и препораки за нејзино понатамошно подобрување, како и предлози за дополнување и унапредување на даночните индикатори и функционалностите на системот.
Особено е важно да потенцираме дека и оние компании кои немаат назначено даночен агент, ги охрабруваме да пробуваат и да пристапат кон тестирање на функционалноста на системот, како и навремено да пријават евентуални забелешки или технички потешкотии.
Корисни информации за тестирањето:
Потребна документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
Тест платформа за е-Фактура: https://efakturatest.ujp.gov.mk
Контакт за поддршка: Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


