Гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески учествуваше на Регионалниот семинар „Kриптосредства и дигитални пари“, којшто се одржа во Приштина, во организација на Централната банка на Косово, каде што гувернери, претставници на централни банки, регулатори и финансиски експерти од регионот разменија мислења за современите предизвици и можности поврзани со дигитализацијата на финансискиот систем.
Во рамките на панел-дискусијата посветена на политиките и регулативната рамка за криптосредствата и дигиталните пари, со акцент на најзначајните ризици и предизвиците за земјите од регионот, гувернерот Славески се осврна подетално на потенцијалните ризици врз финансиската стабилност и монетарната трансмисија. Гувернерот истовремено истакна дека забрзаниот развој на дигиталните форми на пари отвора значителни можности за унапредување на финансиските услуги, поголема ефикасност на плаќањата и поширока финансиска вклученост. Истовремено, тој нагласи дека овие процеси носат и нови предизвици поврзани со финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите, спречувањето перење пари и зачувувањето на монетарниот суверенитет.
„Криптопазарот во нашата земја засега е релативно мал и не претставува значителен ризик за финансиската стабилност. Сепак, потребно е воспоставување јасна и современа регулативна рамка, усогласена со европските стандарди, којашто ќе овозможи соодветна заштита на корисниците, правна сигурност и ефикасен надзор над овој сегмент од финансискиот систем“, истакна гувернерот Славески.
На семинарот беше разгледано и влијанието на дигиталните пари врз трансмисијата на монетарната политика, при што посебно внимание им беше посветено на потенцијалните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз малите и отворени економии. Во таа смисла, беше нагласено дека централнобанкарските дигитални валути (CBDC) можат да претставуваат инструмент за зачувување на монетарниот суверенитет и за поддршка на модернизацијата на платните системи.
„Народната банка внимателно ги следи меѓународните трендови и регулаторните иницијативи во областа на дигиталните средства и активно ги анализира можностите и влијанијата од евентуалното воведување дигитален денар. Во соработка со меѓународни институции, вклучително и Светската банка, се спроведуваат истражувања за потенцијалната побарувачка и можната улога на дигиталната валута на централната банка во домашниот финансиски екосистем“, истакна Славески.
Гувернерот посочи дека криптосредствата и дигиталните пари сè повеќе стануваат дел од современиот финансиски систем. Нивниот потенцијал за иновации е значителен, но нивниот развој мора да биде придружен со соодветна регулатива, ефективен надзор и внимателно управување со ризиците.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


