Centar.mk
фото МОН
МАКЕДОНИЈА

МОН и ОБСЕ ги јакнат капацитетите на наставниците за интеркултурно образование и училишна кохезија

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал денеска им доделија сертификати на 50 наставници од основните училишта во Македонија кои учествуваа на работилница за креирање забавни ученички активности што поттикнуваат поддршка, заедништво и почитување на различностите меѓу учениците. Работилницата беше организирана од МОН и ОБСЕ и им овозможи на наставниците нови практични алатки за создавање поинклузивни, побезбедни и поподдржувачки училишни средини.

Во своето обраќање, министерката Јаневска рече дека образованието има клучна улога во градењето доверба, соживот и заеднички вредности и затоа неопходно е да се создаваат училишта во кои младите ќе стекнуваат знаења, но и ќе се поврзуваат, разбираат и меѓусебно почитуваат. Во тој процес, наставниците и стручните служби се најсилни сојузници на институциите, а голема е поддршката и од повеќе домашни и меѓународни партнери, меѓу кои и ОБСЕ.

„Со надградувањето на овие ваши вештини, вие директно придонесувате за развој на емоционалната интелигенција кај учениците, што е особено важно во времето и околностите во кои живееме, како и за јакнење на критичкото мислење и интеркултурните компетенции. Со тоа, им помагате на учениците и нивните семејства да се препознаат како дел од една заедничка приказна на напредок и иновативност“, им рече Јаневска на наставниците, додавајќи дека училиштето е првото место каде младите учат дека различностите не се пречка, туку предност во создавањето нови перспективи, поттикнуваат учење едни од други и нè прават обединети и посилни како држава.

Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука и Мисијата на ОБСЕ во Скопје спроведуваат повеќе заеднички активности за зајакнување на интегрираното образование, кои веќе даваат видливи резултати.

„Оваа година, како резултат на програмската поддршка на ОБСЕ и посветената работа на Комисијата, грантовата шема за меѓуетничка интеграција е дополнително зајакната. Воведени се јасни тематски подрачја за заеднички активности, а износот на грантовите е зголемен двојно. Како резултат на тоа, добивме многу поквалитетни и поодржливи иницијативи кои ги обединуваат младите. Доделивме вкупно 57 грантови – 39 за основни и 18 за средни училишта со кои се реализираат заеднички работилници, едукативни активности, културни и спортски настани. Ја следиме директно реализацијата на овие проекти и задоволни сме од постигнувањата“, истакна министерката Јаневска.

Изрази уверување дека Министерството за образование и наука останува силно посветено на создавање квалитетно, инклузивно и интегрирано образование, затоа што токму таков систем е клучен за општествениот напредок.

Амбасадорот Вал ја истакна клучната улога на наставниците во градењето безбедна и стимулативна училишна средина, каде што се поттикнуваат разноликоста, разбирањето и меѓусебната доверба. Тој нагласи дека вложувањето во професионалниот развој на наставниците е од суштинско значење за подобрување на квалитетот на образованието за секој ученик и ученичка во државата.

„Вашата улога како наставници оди далеку подалеку од пренесувањето знаења. Вие создавате училишни средини во кои се негуваат почитта, соработката и разноликоста. Преку новите знаења и практични алатки за работа со ученици од различни средини, вие сте уште подобро подготвени да создавате училишта во кои секој ученик се чувствува прифатен, почитуван и безбеден. Преку зајакнувањето на вашите компетенции за интеркултурно образование и инклузивни наставни методологии, вие сте уште подобро подготвени да им помогнете на младите луѓе да се справуваат со предизвиците на денешницата и да придонесете кон создавање побезбедни и поттикнувачки училишта. Горди сме што ја поддржуваме вашата работа, која е од суштинско значење за унапредување на квалитетот на образованието и зајакнување на општествената кохезија“, истакна Амбасадорот Вал.

Обуката им помогна на наставниците да развијат практични пристапи за поттикнување дијалог, решавање конфликти и градење позитивни односи меѓу учениците во училницата.

фото: Министерство за образование и наука

Можеби ќе ве интересира

ПОЛИЦИЈАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: Малолетничка жртва на полово вознемирување од страна на 57 годишен возач на комбе

ДЕСК

СТРУМИЧКАТА ПОЛИЦИЈА РАСЧИСТУВА ИНЦИДЕНТ: Агресивно се однесувале кон вработени во општината и полициски службеници

ДЕСК

Апсење на Долно Блаце

ДЕСК