Centar.mk
СВЕТ

САД отвораат можност приватни компании да користат воен плутониум

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одбрала неколку нуклеарни стартап компании кои би можеле да добијат пристап до залихи на плутониум од воен квалитет, наследен од периодот на Студената војна, пренесува Франс 24.

Планот предвидува дел од опасниот материјал да се пренамени во гориво за мали модуларни реактори, но веќе предизвикува сериозна загриженост кај експертите за неширење на нуклеарно оружје.

Според извештајот, пет компании – меѓу кои и француско-италијанската „Нуклео“ – се во „напредни преговори“ со американските власти за користење на дел од околу 99 тони плутониум.

Станува збор за материјал произведуван за нуклеарно оружје до почетокот на 90-тите години, кој денес се чува на строго обезбедени локации во САД.

Одбраните компании ќе мора да докажат дека можат безбедно да ракуваат и транспортираат високо радиоактивен и нестабилен материјал, кој теоретски може да се искористи за изработка на десетици нуклеарни боеви глави.

Експертите предупредуваат дека управувањето со овие залихи претставува долгогодишен проблем за САД, главно поради високите трошоци за безбедно складирање и одржување.

„Материјал кој државата сака да го отстрани“

„Складирањето на тој материјал чини. Мора да се гарантира безбедност и да се спречи корозија на контејнерите. Тоа се трошоци за залихи кои САД всушност не ги сакаат“, изјави Ноа Мејхју од Центарот за разоружување и неширење во Виена.

По Студената војна, САД и Русија безуспешно се обидуваа да го претворат плутониумот во енергетски извор. Подоцна проектот беше напуштен, а администрацијата на Џо Бајден планираше трајно подземно складирање, но планот беше стопиран поради трошоци.

Со враќањето на Трамп во Белата куќа, пристапот се менува – идејата е решението да се пренесе на приватниот сектор, во рамки на поширока стратегија за нуклеарна енергетска експанзија.

Енергетика, вештачка интелигенција и геополитика

Според експертите, зголемената побарувачка за електрична енергија од индустријата за вештачка интелигенција е еден од клучните фактори зад оваа политика.

„Главниот мотив е потребата САД да произведуваат повеќе електрична енергија за огромните потреби на центрите за податоци и вештачката интелигенција“, изјави Мејхју.

Дополнително, се наведува дека САД сакаат да ја намалат зависноста од рускиот ураниум, кој традиционално се користи како гориво за реактори.

Експертите за нуклеарна безбедност предупредуваат дека плутониумот е исклучително опасен материјал.

„Плутониумот е една од најтоксичните супстанции што некогаш се создадени. Дури и минимално вдишување може да предизвика ризик од рак на белите дробови“, изјави Мајкл Шнајдер, уредник на извештајот за состојбата на светската нуклеарна индустрија.

Според него и други експерти, пренесувањето на таков материјал во приватни компании значително го зголемува ризикот од злоупотреба и проширување на нуклеарно оружје.

Страв од нова трка во вооружување

Мориц Кет од Универзитетот во Хамбург предупреди дека одвоениот плутониум многу полесно може да се искористи за изработка на нуклеарно оружје отколку збогатениот ураниум.

Експертите истакнуваат дека зголемувањето на бројот на компании и транспортни рути ја зголемува и веројатноста за кражба или губење на материјалот.

Политички контроверзии и можен конфликт на интереси

Дел од критиките се однесуваат и на можен конфликт на интереси во администрацијата.

Американскиот сенатор Едвард Марки во писмо до претседателот Трамп изразил загриженост дека министерот за енергетика Крис Рајт би можел да делува во корист на компанијата „Окло“, во чиј управен одбор претходно бил член.

„Загрижен сум дека плановите не се водат од интересите на САД, туку од финансиски интереси на компанијата“, навел Марки.

Иако преговорите се во напредна фаза, експертите предупредуваат дека планот е ризичен, скап и потенцијално опасен, како за безбедноста, така и за глобалниот режим на неширење на нуклеарно оружје./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Спасени петмина од поплавената пештера во Лаос, се трага по уште двајца

C +

Само војници со „совршена линија“ ќе присуствуваат на УФЦ борбата во Белата куќа

C +

Бакингемската палата знаела за контроверзни бизнис-активности на поранешниот принц Ендрју, откриваат судски документи

C +