Centar.mk
СПОРТ

Канада го пречекува светот: ФИФА Светско првенство 2026

Светскиот ден на фудбалот на Обединетите нации, кој се одбележува на 25 мај, потсетува на една важна вистина: ФИФА Светското првенство 2026та е доказ за тоа што државите можат да постигнат преку долгорочна меѓународна соработка. Канада, Соединетите Американски Држави и Мексико заеднички ќе бидат домаќини на најголемото и најамбициозно Светско првенство во историјата, проект што ја отсликува силата на партнерството, координацијата и заедничката визија во сè покомплексен и поврзан свет.

Турнирот веќе покажува дека кога државите се обединети околу заедничка цел, напредокот доаѓа природно. Прекуграничната соработка е продлабочена на повеќе нивоа, од безбедносна координација и размена на информации до оперативно планирање, со цел да се обезбеди безбеден, организиран и успешен глобален настан. Но, надвор од спортот, Светското првенство претставува и модел за современа соработка заснована на отвореност, заеднички просперитет и колективна одговорност.

Канада му пристапува на ФИФА Светското првенство 2026та со јасна визија, втемелена во нејзините вредности и меѓународен дух. Како една од само четирите држави во светот што биле домаќини на ФИФА Светско првенство за жени и за мажи, Канада носи искуство, институционален капацитет и силна посветеност кон инклузивно и одговорно домаќинство. Турнирот е можност да се претстават канадската култура, разновидноста на заедниците и почитта кон домородните народи, чие партнерство има значајна улога во организацијата. Во суштина, канадскиот пристап е насочен кон создавање Светско првенство што ќе биде безбедно, гостопримливо и засновано на взаемна почит.

Овој ангажман ја отсликува и пошироката улога на Канада на глобалната сцена. Преку тесна соработка со партнери ширум светот, Канада придонесува за зајакнување на безбедноста, економската отпорност и поврзаноста меѓу луѓето. Тоа се темели не само за успешен турнир, туку и за долгорочна стабилност и заеднички напредок. Во Северна Македонија, Канада продолжува да соработува со македонските партнери во насока на унапредување на инвестициската соработка, поддршка на деловните можности и јакнење на врските со македонската дијаспора во Канада, важен мост меѓу двете земји.

Прагматичниот, соработувачки и вредносно ориентиран пристап на Канада, јасно видлив преку заедничката организација на ФИФА Светското првенство 2026та, уште еднаш ја потврдува нејзината улога како доверлив партнер, без разлика дали станува збор за глобални иницијативи, економски врски или заеднички предизвици. Пораката од овој историски турнир е едноставна и силна: кога постои доверба, соработката се продлабочува, а со тоа се создаваат и темелите за траен и заеднички успех.

Можеби ќе ве интересира

Шаховски фестивал „50 години ШК Алкалоид“

ДЕСК

Светскиот куп во сноуборд крос по втор пат во ски-центарот Паландокен во Ерзурум

C +

ШК Алкалоид по третпат до европската вицешампионска титула!

ДЕСК