Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

„Европа е за можностите“: Младите во Штип го одбележаа Денот на Европа преку студии, мобилност, дијалог и музика

Со информации за студии низ Европската Унија, Еразмус+ програми, мобилност и иницијативи, како и дебата за перспективите на младите во Европа, вчера во Штип беше одбележан Денот на Европа 2026. Настанот „Европа е за можностите“ се одржа во амфитеатарот на отворено при Младинскиот културен центар „Дом на млади“, создавајќи простор во кој младите можеа директно да ги истражат можностите што им ги нуди Европа.

Програмата започна со Саем за можности на ЕУ: Студии, мобилност и размена во Европа, каде младите имаа можност да се информираат за студирање, стипендии, програми за размена, Еразмус+ мобилност и различни европски иницијативи. На саемот учествуваа амбасади на земјите членки на ЕУ, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Еразмус+, факултети при Универзитетот, програмата „Креативна Европа“, како и граѓански организации кои работат со млади и студенти.

Преку директни разговори со претставниците на институциите и организациите, посетителите добија информации за можностите за образование и мобилност во Европа, како и за програмите преку кои младите можат да стекнат нови искуства, знаења и контакти.

Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусијата „Можности без граници: Млади, Еразмус+ и ЕУ“, која отвори разговор за младинскиот дијалог и улогата на младите во Европа. На панел-дискусијата учествуваа м-р Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност; Морено Ѕела, заменик-шеф на мисијата во Амбасадата на Италија во Северна Македонија; проф. д-р Даниела Коцева; како и студентите Костадин Хубрев и Антонела Митева. Учесниците разговараа за студирањето во странство, програмите за мобилност преку Еразмус+, поддршката што Европската Унија им ја нуди на младите луѓе во Северна Македонија.

Посебно внимание беше посветено на искуствата на младите кои учествувале во програми за мобилност, придобивките од ваквите програми и предизвиците со кои се соочуваат. Дискусијата ја истакна важноста младите да имаат пристап до информации, можности и простор во кој нивниот глас ќе биде слушнат.

На настанот настапија и студенти од Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

фото Europe House

Можеби ќе ве интересира

ВЛЕН: Граѓаните даваат апсолутна поддршка на новата политичка енергија што ја носиме

ДЕСК

Гаши се сретна со Папата: Реафирмирани историските и духовните врски со Ватикан

ДЕСК

Поништена набавката за електрични автобуси и полначи

ДЕСК