Образовниот и научно-истражувачкиот систем во Македонија продолжуваат интензивно да се трансформираат во насока на прифаќање европски стандарди, подобар квалитет и посилна институционална поставеност. Приоритет се реформите кои произлегуваат од Реформската агенда 2024-2027, Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан и стратешките приоритети на Владата во областа на човечкиот капитал.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на 18 состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, одржан денес, каде претставници на трите ресорни министерства информираа за остварените резултати во изминатите шест месеци.
„Продолживме со инвестициите во модернизација на образованието, дигитализација и подобрување на инфраструктурата, како и со зголемување на инклузивноста и поддршката на наставниот кадар. Истовремено, интензивно работевме на законската регулатива која треба да обезбеди долгорочна стабилност, квалитет и европска усогласеност на образовниот систем“, рече министерката Јаневска.
Новата законска рамка за високото образование и за научно-истражувачката дејност треба да обезбеди високи стандарди, интернационализација и видливост на македонските универзитети и научни установи. Министерката Јаневска укажа дека трите нови закони: за високото образование, за обезбедување и унапредување на квалитетот во високото образование и за научно-истражувачката дејност, се изработени низ инклузивен процес и наскоро ќе се најдат пред пратениците.
„Паралелно ги зголемуваме средствата за овие области а дополнително, спроведуваме и активности за отворање на првиот државен Научно – технолошки парк. Имаме добар концепт и обединети сме многу општествени чинители со идентична визија дека ова е важно и ќе помогне во севкупниот развој на државата“, посочи министерката Јаневска.
За поефикасна поврзаност со европските образовни и младински програми Министерството за образование и наука подготвува ново законското решение за Националната агенција за програмите Еразмус+. Во тек е подготовката и на нов Закон за средно образование, кој ќе даде поддршка на современите потреби на учениците, наставниците и стопанството. Фокусот е на дополнително зајакнување на стручното образование и обука, што е препознаено како наша силна страна. Концептот на дуално образование е системски уреден, а поддршката од бизнис заедницата постојано се зголемува, со активно учество на повеќе од 800 компании. Наскоро ќе се донесе одлука за формирање на осмиот регионален центар за стручно образование и обука.
Со цел да обезбеди стабилност и мотивираност на кадарот, што е предуслов за успешна имплементација на образовните реформи и усогласување со европските стандарди, Министерството за образование и наука продолжи со зголемување на платите на наставниците, инвестирање во нивниот професионален развој и обезбедување услови за континуирана обука. Од март годинава, платите на вработените во училиштата се зголемени за дополнителни 7,5%, така што за 2 години кумулативното зголемување изнесува над 20%, а ги реализиравме и ветувањата за кариерен развој на наставниците и стручните соработници преку напредувања во звања – ментор и советник.
Во инфраструктурата активни се 50-тина инвестиции од над 60 милиони евра. 160 училишта се опремени со безбедна безжична инфраструктура и модерна ИТ опрема.
На состанокот беше потврдено дека реформите во образованието и науката не се изолирани активности, туку дел од поширок стратешки процес на европска интеграција, институционална модернизација и создавање поквалитетен систем за идните генерации.
фото Министерство за образование и наука
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


