Centar.mk
-БИЗНИС

ЕК со финансиска инјекција за Македонија: Одобрени 65,7 милиони евра, највисок износ во регионот

Европската комисија одобри 65,7 милиони евра за Северна Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст, како дел од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан. Со ова, земјава доби највисока исплата меѓу државите од регионот во актуелниот циклус.

Во истиот пакет, Албанија доби 49 милиони евра, додека за Црна Гора беа одобрени 44,2 милиони евра. Средствата се исплаќаат врз основа на оценката на Европската комисија за реализираните реформски активности во земјите-кориснички.

Кај Северна Македонија, Брисел ги оценувал реформите во образованието и дигитализацијата, со фокус на подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и проширување на пристапот до дигитална инфраструктура и ИТ-опрема во училиштата.

Од вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе биде наменет за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оцени дека одобрените средства претставуваат потврда за реформските активности и за институционалниот капацитет на државата.

Со оваа исплата, вкупната финансиска поддршка што Северна Македонија досега ја доби преку Инструментот за реформи и раст достигна 142,1 милион евра. Во истиот период, Албанија има добиено 212,8 милиони евра, а Црна Гора 89,3 милиони евра.

Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен во 2023 година и располага со вкупна финансиска рамка од шест милијарди евра, наменети за постепена интеграција на регионот во европскиот пазар и поддршка на реформските процеси.

Можеби ќе ве интересира

Филипче: Се повлекуваме од Комисијата, СДСМ нема да учествува во брутално, задолжување на државата за криминални тендери

ДЕСК

Филипче: Највувам кривична пријава и интерпелација за Африм Гаши за кршење на Деловникот

ДЕСК

Во април: Годишен раст од 9,3% на вкупните депозити и од 13,3% на вкупната кредитна поддршка

ДЕСК