Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

„УЖИВАЈ ЈА ЕВРОПА СО КНИГА“: Јуроп хаус Тетово го одбележа Денот на Европа со саем на книги, детска работилница и разговор за литературата како мост меѓу културите

Книгите вчера го исполнија Јуроп хаус Тетово со приказни, детска љубопитност и разговори за книгата како нешто што ги поврзува луѓето. Под слоганот „Уживај ја Европа со книга“, Денот на Европа во Тетово беше одбележан со целодневен саем на книги, детска работилница, панел-дискусија со автори и културни работници и музичка програма, доближувајќи ја литературата до различни генерации и истакнувајќи ја нејзината улога во градењето разбирање, инклузија и заедница. Посетителите имаа можност да се запознаат со изданија од осум издавачки куќи, да учествуваат во активности за деца и да проследат разговори посветени на читачката култура кај младите.

Во рамки на програмата се одржа детска работилница за читање на македонски и албански јазик, реализирана во соработка со Мама (Ми) Чита и Саранда Мехмеди. Работилницата ја претвори книгата во игра, разговор и заедничко откривање, со цел најмладите да ја почувствуваат литературата како близок и жив дел од нивното секојдневие.

Централен дел од настанот беше панел-дискусијата на која учествуваа Саранда Мехмеди, Ксенија Николова, Вјолца Бериша и Коста Петров, со модераторство на Флора Шабани. Учесниците разговараа за важноста на читачката култура кај младите, литературата како мост за меѓукултурно разбирање, улогата на повеќејазичното раскажување во градењето заедница и потребата младата публика да има поголем пристап до книги и литературни простори.

На настанот присуствуваше и Н.Е. г. Јарослав Лудва, амбасадор на Чешката Република во Северна Македонија, со што беше дадена поддршка на пораката дека Денот на Европа може да се слави преку култура, образование, јазици и заеднички искуства.

Саранда Мехмеди истакна дека пишувањето започнува со процесот на разбирање на себеси. „Важно е да знаеш што сакаш да напишеш. Литературата секогаш се врти околу смислата, исто како што човекот се врти околу сопствениот живот. За еден писател, тоа патување е како бисер во морето, невидливо, но преку него може да се роди чисто и добро дело. Кога ќе се разбереш себеси, многу полесно е да пишуваш“, рече Мехмеди.

Вјолца Бериша се осврна на читачките навики кај децата и младите, нагласувајќи дека кризата со читањето не е поврзана само со технологијата, туку и со начинот на кој книгите им се препорачуваат на децата. „Живееме во време кога книгата е во криза, но таа криза не е создадена само од брзиот развој на технологијата. Многу е важно какви препораки добиваат децата. Училишните и родителските препораки треба да бидат поблиски до нивните интереси и желби“, истакна Бериша.

Ксенија Николова посочи дека младите читаат поинаку, но тоа не значи дека не читаат. „Технологијата го менува начинот на кој ги примаме информациите и начинот на кој читаме. Не би се согласила дека младите не читаат многу. Попрво би рекла дека читаат поинаку. Најважно е книгата да стигне до читателот, без разлика преку кој канал. Некој најдобро чита, некој најдобро слуша, сите сме различни“, рече Николова.

Коста Петров зборуваше за пишувањето како личен процес и можност човек да се врати кон сопствените искуства. „Моите книги се базирани на она што ми се случува во животот. Кога пишуваш, имаш можност детално да се вратиш во минатото и да видиш каква личност си бил, што си научил и да сфатиш една важна работа: секој хаос има рок на траење. Проблемот што денес изгледа како крај на светот, со тек на време можеби нема ни да го паметиш“, истакна Петров.

Во книжниот дел од програмата учествуваа издавачките куќи Нобел, Албас, Или-Или, Сакам Книги, Резна, Полица, Бед Уолф и Сифт. Нивното учество го претвори Јуроп хаус Тетово во простор за љубителите на литературата, учениците, студентите, семејствата, младите читатели и пошироката локална заедница.

Настанот заврши со диџеј-сет, кој ја заокружи програмата во духот на Денот на Европа и пораката дека културата останува еден од најсилните начини преку кои се градат врски меѓу луѓето.

Настанот е дел од серијата активности што Делегацијата на Европската Унија и Јуроп хаус ги организираат во рамки на месецот на Европа, под заедничкото мото „Наша Европа“. Преку книгата, читањето и разговорот, „Уживај ја Европа со книга“ уште еднаш покажа дека европските вредности најсилно се чувствуваат кога се споделуваат преку знаење, култура, јазици и заедништво.

фото Europe House

Можеби ќе ве интересира

Власта го турка народот во должничко ропство – 260 милиони евра кредит, а ќе вратиме над 326 милиони, обвинува Левица

ДЕСК

Девојка од Прилеп претепана од неколку малолетници

ДЕСК

ВМРО ДПМНЕ: Наместо осуда, Венко Филипче молчи и соработува со негаторите на Македонија

ДЕСК