Кинескиот претседател, Ши Џинпинг, и американскиот претседател Доналд Трамп денеска одржаа средба во потесен состав во Пекинг, при што, според кинескиот лидер, биле постигнати важни заеднички договори за одржување стабилни економски и трговски односи меѓу двете земји.
Средбата се одржа еден ден откако Ши разговараше со Трамп, кој престојува во државна посета на Кина од 13 до 15 мај.
Нагласувајќи дека посетата на Трамп била историска и значајна, Ши изјави дека двете страни поставиле нова визија за градење конструктивни односи меѓу Кина и САД и за стратешка стабилност, пренесува кинеската агенција Синхуа.
„Постигнавме важни заеднички договори за одржување стабилни економски и трговски врски, проширување на практичната соработка во различни области и правилно решавање на меѓусебните проблеми“, изјави Ши.
Ши Џинпинг изјави дека за денешната средба со Трамп го избрал комплексот Џонгнанхај како знак на благодарност за гостопримството што американскиот претседател му го укажал за време на нивната средба во Мар-а-Лаго во 2017 година.
„Го избрав ова место специјално за да возвратам за гостопримството што ми беше укажано во 2017 година во Мар-а-Лаго“, изјавил Ши за време на билатералната средба, пренесе „Си-ен-ен“.
Средбата била одржана во Џонгнанхај, комплекс што претставува седиште на раководството на Комунистичката партија на Кина и на централната кинеска влада.
Ши објаснил дека тоа е местото каде што „работат и живеат лидерите на партијата и централната влада на Кина“, вклучително и тој лично./Извор:Makfax


