Centar.mk
СВЕТ

Крузерот со хантавирус пристигна во Тенерифе: следува сложена операција

Крузерот MV Hondius, кој се наоѓа во центар на епидемија на хантавирус, пристигна во близина на шпанскиот остров Тенерифе, каде што се очекува организирано симнување на 147 патници во рамки на меѓународна операција за нивно враќање во матичните земји, пренесува Си-Ен-Ен.

Бродот ќе биде закотвен во пристаништето Гранaдиља на Канарските Острови, а патниците ќе бидат евакуирани по претходно тестирање за да се потврди дека немаат симптоми на болеста. Од моментот кога бродот испловил од Аргентина минатиот месец, три лица починале како последица на хантавирус, ретка болест која најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари.

Комплексна и строго контролирана евакуација

Според локалните власти, бродот ќе биде закотвен на безбедна оддалеченост од пристаништето, а патниците ќе се превезуваат на копно со мали чамци со капацитет до 10 лица. Тие ќе бидат групирани според националност, во координација со туроператорот Oceanwide Expeditions.

Неколку земји, меѓу кои САД, Германија, Франција, Белгија, Ирска и Холандија, испраќаат авиони за репатријација на своите државјани. Нивното симнување ќе биде усогласено со пристигнувањето на летовите, додека багажот ќе остане на бродот и подоцна ќе им биде доставен.

Строги здравствени мерки за патниците

Американските центри за контрола и превенција на болести соопштија дека 17 американски патници без симптоми ќе бидат префрлени во медицински центар во Небраска, каде ќе бидат под 42-дневен надзор.

Шпанските власти, пак, најавија дека 14 шпански патници први ќе го напуштат бродот, со задолжително носење заштитни маски. Тие ќе бидат сместени во воена болница и подложени на PCR тестирања при пристигнувањето и по седум дена.

Реакции на Канарските Острови

Пристигнувањето на бродот предизвика тензии на Канарските Острови. Регионалните власти изразија противење на неговото закотвување, додека пристанишните работници на Тенерифе одржаа протести поради, како што наведуваат, недоволни информации за ризиците.

По завршување на операцијата, бродот и екипажот треба да продолжат кон Ротердам, каде што ќе се изврши целосна дезинфекција. Светската здравствена организација претходно соопшти дека епидемијата на хантавирус претставува низок ризик за пошироката популација./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Британски воени лекари со падобрани стигнаа на изолиран остров поради сомнеж за хантавирус

C +

Независни руски медиуми: Во војната во Украина загинале околу 352.000 руски војници

C +

Иран подготвува нов закон за премин низ Ормутскиот теснец

C +