Затворањето на Ормутскиот Теснец предизвика сериозен потрес во глобалниот транспортен систем, а нормализирањето на пловидбата би можело да трае со месеци и по евентуалното повторно отворање на морскиот премин од страна на Иран и САД, предупреди Меѓународниот транспортен форум.
Организацијата, која обединува 72 земји, наведува дека враќањето на поморскиот сообраќај на нивото пред кризата ќе зависи од повеќе фактори, меѓу кои довербата во навремена испорака на товарот, обезбедувањето екипаж, ангажирањето бродови, цената на осигурувањето, како и расчистувањето на мини и обновата на оштетената инфраструктура.
„Дури и кога теснецот повторно ќе биде отворен, сообраќајот нема веднаш да се врати на преткризното ниво. Трговските услови би можеле со месеци да го ограничуваат транспортот“, се наведува во анализата презентирана на годишниот самит на организацијата во германскиот град Лајпциг.
Илјадници бродови и морнари останаа блокирани
САД и Иран, кои го блокираат сообраќајот низ теснецот низ кој вообичаено минуваат околу 25 проценти од светските нафтени танкери, прогласија кревко примирје на 8 април. Во текот на првата седмица низ теснецот поминале само 45 бродови.
Пловидбата сега се одвива преку коридори под контрола на иранската морнарица, додека двете земји продолжуваат со преговорите. Од нападите на САД и Израел врз Иран кон крајот на февруари, околу 1.000 трговски бродови и 20.000 морнари останале блокирани во Персискиот Залив.
Генералниот секретар на Меѓународниот транспортен форум, Јанг Те Ким, оцени дека кризата претставува предупредување за глобалната зависност од мал број клучни транспортни коридори.
„Ова е шок по кој ќе размислуваме поинаку. Се отвора прашањето за отпорноста на владите на вакви настани, но и потребата од користење горива од обновливи извори“, изјави Ким.
Раст на цените и откажани летови
Поради кризата, цената на авионското гориво е двојно зголемена, а во мај авиокомпаниите ширум светот откажале околу 13.000 летови, според аналитичката компанија „Сириум“.
Авиокомпаниите „Lufthansa“ и „Croatia Airlines“ веќе најавија кратење на дел од летовите во текот на летната сезона поради зголемените трошоци за гориво.
Меѓународниот транспортен форум функционира од 1953 година и претставува глобална платформа за соработка и креирање транспортни политики, со седиште во Париз. На овогодишниот самит во членство беа примени Гана, Панама и Перу./Извор:Makfax


