Централната команда на САД (CENTCOM) објави дека американските сили пресретнале „неиспровоцирани ирански напади“ и одговориле со одбранбени напади врз воени цели во Иран.
Според соопштението на американската војска, инцидентот се случил додека американските разурнувачи USS Truxtun, USS Rafael Peralta и USS Mason минувале низ Ормускиот теснец кон Оманскиот Залив.
„Иранските сили лансирале повеќе ракети, дронови и мали пловила кон американски бродови додека транзитирале низ меѓународните бродски линии. Ниедна американска цел не била погодена“, соопшти CENTCOM.
Американската војска тврди дека потоа ги неутрализирала заканите и извршила напади врз иранските воени објекти поврзани со нападите врз американските сили.
Меѓу погодените цели, според Вашингтон, биле места за лансирање ракети и дронови, командни центри и системи за разузнавање и надзор.
CENTCOM соопшти дека САД „не бараат ескалација на конфликтот“, но дека остануваат подготвени да ги заштитат американските сили во регионот./Извор:Makfax


