Суштината на техничката влада е што дава доверба на политичките актери во кредибилен процес и контролни механизми дека институциите нема да се злоупотребуваат за партиски цели, и за тоа не треба да се турка Законот за влада на сила, нагласи пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, во дебатната емисија „24 Анализа“, на ТВ 24.
Трајчулески предупреди дека обидите на власта да го наметне законот без дијалог и консензус претставуваат сериозно нарушување на демократските процеси, и потсети на причините поради кои беше воспоставен моделот на пржинска влада.
„Во 2015 година како главна причина за техничката влада беше прво наведувањето во извештај на Европска Комисија дека Македонија е заробена држава. Второ беа бомбите кај што слушнавме за МВР ВМРО, кај што слушнавме за налози на инспекции, значи силување на институциите во полза на партијата и на тој начин силување на волјата на граѓаните. И на тој начин беше создадена пржинската влада која реално даде резултат во смисла на имање на доверба на политичките актери во кредибилен изборен процес. Значи важно е политичките актери да имаат доверба во кредибилност на изборниот процес. На тој начин добиваме она што е волја на граѓаните“, рече Трајчулески.
Во дебатата тој посочи дека изборниот законик и пржинската влада не можат да се третираат одвоено, бидејќи се дел од ист систем кој треба да обезбеди фер и кредибилни избори.
„Ако сакаме да зборуваме за тоа дали е државата блокирана или функционална владата, значи блокадите во делот на функционирање на институциите доаѓаат од изборниот законик, таму е точно дефинирано кои се блокирани и кои работи не смеат да се прават во тек на од денот на распишување на изборите до одржување на изборите. Што значи дека ние не може да ги гледаме одвоено изборниот законик со законот за влада, односно пржинската влада, затоа што тоа е една иста работа и ако за изборниот законик правиме работна група во која бараме постигнување на консензус меѓу сите политички актери, што е логично и така треба и секогаш така било, истото треба да го направиме и во делот на она што значи пржинска влада“, рече Трајчулески
Притоа, Трајчулески укажа дека овој закон е дел и од реформската агенда и не смее да турка на сила.
„Денес имаме брутално фрлање на закон во Собрание по скратена постапка кој се однесува на суштинско прашање. Значи клучната работа е овој закон е дел и од реформската агенда, тие закони мора ние да ги носиме во редовна постапка со широк дијалог, а конкретно за овој закон да постигнеме консензус во рамките на Собранието како што истиот консензус треба да го постигнеме и за изборниот законик“, рече Трајчулески.
Во дебатата, Трајчулески укажа дека дека целиот процес за укинување на техничката влада што го турка власта отвора сомнеж за вистинските намери на владата.
„Не ја разбирам потребата еднострано ова да се прави, освен ако власта има позадински намери. Затоа што ние не можеме да дадеме предвидувања кој ќе победи на наредните избори, па кој ќе победи на тие после нив избори. Ако ние имаме механизам кој дал доверба и кој функционира, не знам зашто, без консензус, без дијалог во Собранието, без заедничка согласност, ние денеска одиме со ваков тип на решение по скратена постапка директно во Собранието и затоа беше нашата најава дека доколку се продолжи на овој начин со носење на овој закон, ние ќе излеземе и ќе ја напуштиме работната група која е задолжена за изготвување на изборниот законик“, рече Трајчулески.


