Во напад со руски беспилотни летала извршен преку ноќ врз јужниот украински град Одеса загина постар брачен пар, а повеќе од десетина лица беа повредени, соопштија украинските власти утрово.
Нападот уништи две двокатни згради и погоди уште една двокатна зграда, при што загинаа две лица, соопштија службите за итни случаи. Становите во трикатна зграда беа исто така оштетени и запалени, додадоа тие.
„Брачен пар, двајцата на возраст од 75 години, беше убиен во ноќниот напад“, изјави Серхиј Лисак, началник на локалната воена администрација, на Телеграм. Лисак рече дека 15 лица се повредени во нападот, додека службите за итни случаи ја објавија бројката на 14.
Тој додаде дека осум од повредените се лекуваат во болница. Лисак објави фотографии од зградата зафатена од пламен и друга со голема дупка на страната, како и снимки од спасувачките екипи кои работат внатре./Извор:Makfax


