Centar.mk
фото МВР
МАКЕДОНИЈА

МВР и ТАВ Македонија: Успешно спроведена вежбата „Сигурен хоризонт 2026“ – тестирана подготвеноста за одговор на сложени безбедносни закани (фото,видео)

Денеска на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид успешно беше реализирана симулациската вежба „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана“, во организација на Секторот за полициски работи од општа надлежност при Бирото за јавна безбедност, во соработка со ТАВ Македонија.

фото МВР

На вежбата присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев и заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, како и претставници од повеќе институции вклучени во системот за безбедност и управување со кризни состојби.

фото МВР

Симулациската вежба се спроведе согласно Националниот план за постапување во вонредни состојби предизвикани од незаконско постапување против безбедноста на цивилното воздухопловство и имаше за цел тестирање на подготвеноста и координацијата на сите надлежни служби во услови на сложени безбедносни закани.

фото МВР

Сценариото на вежбата опфати повеќе фази, вклучително и диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалната зграда, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор на специјалните единици, евакуација, преговори и неутрализација на сторителите, проследени со медицинска интервенција и стабилизација на состојбата.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев истакна дека ваквите вежби се од исклучително значење за безбедносниот систем.

„Целта на оваа вежба е сеопфатно тестирање на системот за одговор во услови на сложени безбедносни закани, преку симулација на реални сценарија. Преку вакви активности ја проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и нивото на координација и комуникација меѓу сите инволвирани субјекти“, потенцираше Јанев.

Заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, нагласи дека безбедноста на патниците и персоналот е врвен приоритет.

фото МВР

„Денешната симулациска вежба на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ ја потврди високата подготвеност на безбедносните служби на ТАВ Македонија и одличната координација со Министерството за внатрешни работи.Преку вакви вежби ја зајакнуваме способноста за брза и ефикасна реакција во услови на сложени безбедносни предизвици.“, изјави Лупевски.

Со реализацијата на вежбата беа тестирани капацитетите за брза реакција, интер-институционалната координација и комуникација, како и способноста за ефикасно управување со кризни ситуации, со посебен акцент на заштита на патниците, персоналот и аеродромската инфраструктура.

МВР се заблагодарува на сите учесници кои учествуваа во подготовката и реализацијата на вежбата, ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош при ТАВ Македонија.

Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија и во иднина ќе продолжат со заеднички активности и вежби, со цел континуирано унапредување на безбедноста и подготвеноста за справување со сите видови закани.

Можеби ќе ве интересира

Лишени од слобода 15 возачи за безобѕирно управување возило, 12 возеле без дозвола, двајца со активна забрана и еден под дејство на алкохол

ДЕСК

Изби тепачка меѓу 75 годишен пензионер и 51 годишна скопјанка – детали за инцидентот во скопска Кисела Вода

ДЕСК

МУ СЕ СЛОШИЛО, ПА ПОЧИНАЛ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТ – Полицијата информираше за трагедијата што ја потресе Македонија

ДЕСК