По повеќе од една година новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар утрово се појави на медиуми од јавниот сервис во Унгарија.
Маѓар утрово гостуваше на радио Кошут а потоа и на телевиизјата М1 кои се дел од јавниот сервис и кои во кампањата ниту еднаш не го поканија Маѓар да гостува.
Маѓар го искористи моментот да најави дека овие медиуми повеќе нема да вршат пропаганда како што тоа се случувало во времето на Виктор Орбан.
„Еден од нашите први чекори по формирањето на владата ќе биде укинување на информативната служба на овој пропаганден медиум“, рече Маѓар.
Тој нагласи дека ова не е лично прашање, туку право на секој унгарски граѓанин на јавна служба што ја пренесува реалноста.
Тој ја обвини МТВА дека „служи на военото лудило на владата, сеејќи страв кај децата и старите лица“ и рече дека мора да има последици за таквото водење пропаганда.
Неколку часа претходно, во Скопје и лидерот на СДСМ, Венко Филипче укажа на влијанието на медиумите блиски до Орбан врз македонскиот медиумски простор.
Вчера, Филипче рече дека по падот на режимот на Виктор Орбан, има очигледна паника кај ВМРО-ДПМНЕ и медиумите, како што рече, под нивна контрола.
„Денес, кога Орбан веќе падна, паниката кај ВМРО е очигледна. Медиумите под нивна контрола веќе почнаа да ја намалуваат важноста на победата на новата демократска влада во Унгарија. Ботовите на социјалните мрежи работат со полна пареа, исмевајќи ја победата на Европа над авторитаризмот.” рече Филипче.
Тој додаде дека оваа медиумска мрежа е дел од поширок систем на влијание.
„Македонија веќе со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан, со кои директно управува ВМРО. Резултатот: политичка алатка на Мицкоски и ВМРО за лажни вести, измислени афери и деноноќни напади против СДСМ и мене лично. Скоро 40% од медиумите, потврдено и од независни европски истражувачки новинари, се под директна контрола на луѓето на Орбан. Преку свои блиски бизнисмени Орбан купи и контролира огромен број на медиуми кои се во служба на ВМРО и Христијан Мицкоски. И тие се пропагандна машина во Македонија за црни кампањи, за ширење лажни вести и ширење на анти-европскиот наратив.” рече Филипче.
Вниманието на македонската јавност со денови е свртено кон случувањата во Унгарија, не само затоа што таму со години е во бегство Никола Груевски, туку поради честите посети на владини и функционери на ВМРО-ДПМНЕ на Будимпешта и средбите со Орбан и неговите соработници.


