Владата во која партијата Тиса ќе има мнозинство ќе го истражи наводниот обид за напад врз гасоводот кај Кањижа, изјави победникот на изборите во Унгарија и лидер на Тиса, Петер Маѓар.
Во интервју за Н1 Србија, тој рече дека му е важно односите меѓу Србија и Унгарија да останат добри, пред сè поради Унгарците во Војводина, иако вели дека знае кој е „кум“ на големото пријателство меѓу Александар Вучиќ, Виктор Орбан и Роберт Фицо.
Тој додаде дека не сака да се меша во внатрешните работи на Србија, но дека може да му каже на српскиот народ да „црпи сила од изборите во Унгарија“.
Истрага за наводен напад на гасовод
Петер Маѓар потсети дека за време на изборната кампања, на Велигден, се случила акција која наликувала на операција под лажно знаме, кога бил планиран наводен обид за напад на гасовод. Премиерот Виктор Орбан, според Маѓар, зборувал за тоа една недела претходно, најавувајќи дека нешто слично ќе се случи.
„Можам да кажам дека тоа било спроведено доста несмасно и било јасно дека организаторите се откажале од тоа и не отишле толку далеку колку што очекувале нивните претпоставени од Русија и Виктор Орбан. Мислам дека постапиле правилно бидејќи владата на Тиса ќе испита што точно се случило и дали имало реална опасност – бидејќи е можно да имало. Но, ако имало реална опасност, тогаш премиерот треба да ја води земјата, а не да глуми во претстава како што направи Виктор Орбан на Велигден, кој летал со хеликоптер и ја собрал целата унгарска пропаганда во работни шлемови и униформи за да се „плашат“ заедно“, рече тој.
Маѓар додаде дека во таква ситуација, премиерот мора да ја гарантира безбедноста на земјата.
„Граѓаните на Унгарија, како и граѓаните на Србија, со право очекуваат нивното раководство да обезбеди безбедност, развој и мир. Под владата на Тиса, во Унгарија ќе има ред, мир, безбедност и развој – тоа можам да го кажам“, рече тој.
За врските меѓу Орбан, Вучиќ и Фицо
Петер Маѓар рече дека би бил многу среќен да се сретне со српското раководство.
„Точно знам што се случува во Србија и знам какви врски постоеле, постојат и може да постојат меѓу владата на Орбан и Србија предводена од Александар Вучиќ, исто како што знам какви врски постојат меѓу Словачка на Роберт Фицо и Виктор Орбан. Отприлика знам кој стои зад овие односи, кој е ‘кум’ на овие големи пријателства“, додаде тој.
Сепак, тој нагласи дека за доброто на Унгарците што живеат во Србија, за Будимпешта е исклучително важно односите меѓу двете земји, кои во моментов можат да се сметаат за добри, да останат такви и да не зависат од поединци.
„Верувам дека ова е во интерес и на сегашното српско раководство и на Унгарците што живеат во Србија, како и во наш интерес. Отворен сум за соработка, без оглед на фактот дека веројатно за многу работи размислуваме поинаку од претседателот Вучиќ или српското раководство. Сепак, пријателството меѓу нашите народи и постојните добри односи се многу важни за нас. Можам да кажам дека нема да се мешаме во внатрешните работи на други земји. Самиот гледам какви се протестите и како властите се однесуваат кон нив“, рече тој./Извор:Makfax


