Centar.mk
СВЕТ

Зеленски: Америка ги игнорира доказите дека Русија му помага на Иран, тие му веруваат на Путин

САД ги игнорираат убедливите докази дека Русија му помага на Иран да ги нападне американските бази на Блискиот Исток затоа што му веруваат на Владимир Путин, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во интервју за подкастот „The Rest is Politics“, Зеленски рече дека се обидел да ја предупреди Белата куќа за тесната соработка меѓу Москва и Техеран, објави „Гардијан“.

Според Зеленски, руските воени сателити снимале клучна енергетска инфраструктура во земјите од Заливот и Израел, како и локациите на американските воени бази во регионот. Тој тврди дека Кремљ ги предал овие податоци и снимки на иранскиот режим за да му го олесни извршувањето на нападите.

„Јас го кажав тоа јавно. Дали ја слушнавме реакцијата на САД кон Русија, дека тие мора да престанат со ова?“, праша Зеленски. „Проблемот е што тие му веруваат на Путин. И тоа е штета“, додаде тој.

Зеленски верува дека тимот на Доналд Трамп „навистина не ги сфатил деталите за тоа што сака Русија“. Кога го прашале зошто, тој рекол дека преговарачите на Трамп – Стив Виткоф и Џаред Кушнер – „поминале премногу време“ со Путин и неговите високи функционери.

Двајцата пет пати патувале во Москва во изминатата година, но сè уште не го посетиле Киев. Администрацијата на Трамп врши притисок врз Украина да го отстапи својот источен регион Донбас, кој е место на жестоки борби. Путин навести дека ќе се согласи на прекин на огнот доколку Украина се откаже од територијата.

Зеленски рече дека ја разбира психологијата на рускиот лидер и неговите вистински воени цели подобро од Белата куќа. Тој рече дека Путин нема да застане ако го добие Донбас, но потоа ќе се обиде да ги освои регионалните центри Днепар и Харков.

„Мора да признаеме дека Американците до одреден степен веруваат дека Донбас не ни значи ништо“, рече Зеленски. „Тие не сакаат да признаат дека Путин ќе ги излаже и дека може да ја продолжи окупацијата дури и по такви чекори. Американците се уверени дека можат да му веруваат на Путин.“/Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Шпанскиот премиер остро го критикуваше Нетанјаху

C +

Њујорчани протестираат против израелските воздушни напади врз Либан и Иран

C +

Поранешен амбасадор на САД во НАТО: Војната со Иран е стратешка грешка од историски размери

C +