Претседателот Доналд Трамп во средата изјави дека Американците немаат трпение САД да ја преземат иранската нафта, иако тој лично би сакал да го стори тоа. На настан во Белата куќа затворен за медиумите, Трамп ги нарече сојузниците од НАТО „хартиени тигри“ чија помош во војната со Иран не беше потребна и најави обраќање до нацијата во кое планира да „каже на сите колку е одличен“, објави Си-ен-ен.
„Можевме едноставно да ја земеме нивната нафта“, рече Трамп. „Но, знаете, не сум сигурен дека нашите луѓе имаат трпение за тоа, што е штета. Тие само сакаат да заврши.“ Трамп се чини дека призна дека се соочува со политички притисок да ја заврши војната. „Да останевме таму, јас, знаете, ќе ја земев нафтата. Можевме да го направиме тоа толку лесно. Би го претпочитал тоа, но луѓето во земјата некако велат: „Само победи. Победуваш толку многу, само победи и оди дома“. И тоа е во ред за мене затоа што имаме многу нафта“, додаде тој.
Неговите коментари доаѓаат во време кога новата анкета на Си-ен-ен покажува дека само една третина од јавноста верува дека тој има јасен план за справување со ситуацијата во Иран. Американците се загрижени за трошоците од војната, а значително поголем број од нив веруваат дека економијата, а не војната, е најважното прашање со кое се соочуваат САД.
Трамп, сепак, ја опиша улогата на федералната влада првенствено како „воена заштита“, а не како испорака на услуги. „Не можеме да се грижиме за градинките, Медикејд, Медикер, сите тие индивидуални работи. Тоа може да се направи на државно ниво, а не на федерално ниво. Мораме да се грижиме за едно нешто: воена заштита. Мораме да се грижиме за земјата“, рече тој.
Зборувајќи за војната со Иран, Трамп рече дека контактирал со сојузниците од НАТО само за да види дали ќе се вклучат, инсистирајќи дека навистина не сака нивна помош. „Искрено, ги прашав само затоа што сакав да видам што ќе направат. Не ни требаа; го победивме Иран, а последното нешто што ми требаше беше НАТО да ни пречи“, рече Трамп на велигденскиот ручек во Белата куќа.
Нарекувајќи го НАТО повторно „хартиен тигар“, тој додаде: „Не ни требаа, но сепак прашав“. Претседателот ги критикуваше францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер за тоа што понудија да им помогнат на Соединетите Држави дури откако ќе заврши конфликтот. „Реков: „Не, не, не ми треба помош откако ќе се добие војната, Емануеле.“
Тој, исто така, повтори дека НАТО нема да застане на страната на САД и покрај фактот дека Член 5 од алијансата, кој го третира нападот врз една членка како напад врз сите, е повикан само еднаш во историјата – по нападите врз САД на 11 септември 2001 година. „НАТО се однесуваше многу лошо кон нас и, запомнете, тие повторно ќе се однесуваат лошо кон нас ако некогаш ни требаат. Се надеваме дека нема да го сторат тоа, а јас не мислам дека ќе го сторат тоа.“
„Војната ќе заврши за три дена. Го предвидов тоа пред да започне“, рече тој.
Трамп накратко го најави обраќањето до нацијата на велигденскиот ручек, кажувајќи им на присутните дека планира да „им каже на сите колку е одличен“ за време на неговиот говор во ударниот термин. „Имам мал говор вечерва во девет часот и во основа ќе им кажам на сите колку сум одличен, каква одлична работа завршив, каква феноменална работа“, рече Трамп. „Но сериозно, ако не ме имавте мене, ако имавте друг претседател, немаше да го имате Израел“./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


