Говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за војната со Иран траеше околу 20 минути, но главно беше повторување на пораките што ги кажуваше со денови, без никакви нови конкретни одговори на клучните прашања, анализира Би-би-си.
Како што истакнува дописникот на Би-би-си, Гари О’Донохју, содржината на говорот во голема мера одговара на она што Трамп веќе го објавува на социјалните мрежи.
Би-би-си предупредува дека говорот остави голем број важни прашања неодговорени. Првото се однесува на Израел. Не е јасно дали владата на Бенјамин Нетанјаху се согласува со роковите што ги предлага Трамп за завршување на војната.
Второто прашање се однесува на судбината на збогатениот ураниум од Иран. Трамп не разјасни што се случува со плановите за преземање стотици килограми материјал што, според претходните тврдења, остана закопан под урнатините по минатогодишната војна.
Трето, останува нејасно каква е вистинската позиција на Белата куќа во однос на Ормускиот теснец. Трамп сега тврди дека сообраќајот низ овој клучен воден пат „природно“ ќе продолжи по завршувањето на конфликтот.
Би-би-си, исто така, истакнува дека нема одговор на прашањето дали Трамп е сериозен во своите најави за евентуалното повлекување на САД од НАТО.
Заклучокот од анализата е дека, и покрај дваесетминутното обраќање до нацијата, сè уште не е јасно како треба да изгледа победата во оваа војна. Со оглед на честите промени во пораките на Трамп, Би-би-си предупредува дека насоката на политиката може повторно да се промени во секое време./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


