Серија експлозии го потресоа Тољати во рускиот регион Самара рано утрово, а големата хемиска фабрика „КуибишевАзот“ наводно била цел на напади со беспилотни летала.
Напади беа пријавени и во окупираниот Луганск и голем број други руски региони, продолжувајќи една недела напади врз нафтените постројки, објавува „КиевПост“.
Според каналот „Шот“ на Телеграм, кој се повикува на локалното население, пет експлозии се слушнале над градот околу 5 часот наутро по локално време. Украинскиот канал за следење „Ексиленова+“ објави дека целта била фабриката „КуибишевАзот“, која веќе била нападната на 11 март.
Снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи од очевидци покажуваат густи, темно-сиви облаци од чад, што укажува дека по нападот избувнале неколку пожари.
Десетици дронови над руските региони
Руските власти, исто така, пријавија масовни напади. Гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, изјави дека повеќе од 60 украински дронови го нападнале регионот во понеделник наутро. Во Таганрог, рече тој, едно лице загинало, а осум се повредени откако остатоци паднале врз станбени згради и предизвикале пожари.
Градоначалничката Светлана Камбулова потврди дека се оштетени 12 станбени згради, 27 приватни куќи, училиште, училишен камп и три индустриски погони. Жителите се евакуирани, а екипи за деминирање се на терен.
Напад е пријавен и во Краснодар, каде што, според градоначалникот Евгениј Наумов, беспилотно летало се урнало во повеќекатна зграда, при што биле повредени три лица.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека силите за воздушна одбрана „пресретнале и уништиле“ 102 украински беспилотни летала преку ноќ над осум региони, Краснодарската територија, Азовското Море и анексираниот Крим. Украинските власти сè уште не дале коментар за нивната вмешаност во нападите./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


