Куба синоќа повторно остана без електрична енергија, откако се случи втор целосен колапс на националниот електроенергетски систем за помалку од една недела, оставајќи повеќе од 10 милиони жители во мрак. Кубанското Министерство за енергетика потврди дека дошло до целосно исклучување на системот и дека се активирани протоколи за негово повторно ставање во функција.
Колапсот се случува во момент кога земјата сè уште се опоравува од претходниот прекин, во услови на сериозен недостиг на гориво. Непосредно пред новиот прекин, државната електроенергетска компанија предупреди дека се очекува недостиг од над 1.700 мегавати во вечерните часови, кога потрошувачката е најголема.
Американскиот претседател Доналд Трамп во последните недели изнесува остри ставови за Куба, дури и споменувајќи можност САД да „ја преземат“ островската држава. Тој, сепак, не прецизираше дали таков чекор би подразбирал употреба на сила.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави дека властите се подготвуваат за сите сценарија, вклучително и можен надворешен притисок, додека паралелно се водат разговори со американски претставници за олеснување на санкциите за гориво. Притоа, Хавана нагласува дека нема да преговара за промени во политичкиот систем.
Енергетската криза е дел од пошироки економски проблеми со кои се соочува Куба, засилени од долгогодишното американско ембарго и намалените испораки на гориво од странство. Недостигот веќе сериозно влијае врз туризмот, здравството, образованието и земјоделството, дополнително отежнувајќи ја состојбата во земјата./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


