Американскиот сенатор Берни Сандерс ги критикуваше трошоците за воените напади на Вашингтон против Иран, истакнувајќи дека огромните пари потрошени за војната можеле да бидат пренасочени кон клучни домашни програми.
Според него, трошоците досега достигнале 22,8 милијарди долари.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Сандерс ги наведе трошоците за војната. „Со 22,8 милијарди долари, би можеле да обезбедиме здравствено осигурување од Медикејд за 6,8 милиони деца, да изградиме 2,6 милиони јавни станови, да ја финансираме програмата за предучилишна возраст „Хед Старт“ за 1,3 милиони деца, да вработиме 240.000 наставници и да отпишеме студентски долг од 20.000 долари за еден милион должници“, рече тој.
Сандерс повика јавните услуги да бидат приоритет пред воените трошоци, бидејќи регионалните тензии ескалираат. Во друга објава на Икс, демократскиот сенатор рече дека во средината на војната во Иран, не смее да се заборави на оние на Западниот Брег.
„За една година, повеќе од 36.000 Палестинци беа насилно раселени на Западниот Брег, 240 од нив беа убиени, а регистрирани се повеќе од 1.700 напади од страна на израелски доселеници. Мора да ја прекинеме американската воена помош за Нетанјаху“, рече Сандерс.
Соединетите Американски Држави и Израел вршат заеднички напади врз Иран од 28 февруари, во кои досега се убиени околу 1.300 луѓе. Меѓу жртвите беа тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и бројни други високи политички и воени функционери.
Иран одговори на нападите со беспилотни летала и ракети, насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени објекти. Овие напади предизвикаа човечки жртви и материјална штета на инфраструктурата и ги нарушија глобалните пазари и воздушниот сообраќај, според медиумите./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


