На само неколку недели пред Велигден, граѓаните веќе се соочуваат со нов силен удар врз домашниот буџет. Основните прехранбени производи поскапуваат еден по еден, а она што досега се сметаше за евтино и достапно пазарување, денес сè повеќе станува привилегија. Во услови кога и буџет-маркетите веќе не нудат олеснување, туку нов стрес за семејниот паричник, сè погласно се поставува прашањето: како да се преживее месецот?
Најсилно се чувствува ударот кај производите што речиси секое семејство ги има на трпезата. Табла јајца веќе достигнува околу 300 денари, маслото се движи околу 100 денари, а поскапувањето не го заобиколи ниту сувомеснатото. Токму во пресрет на празничниот период, кога потрошувачката традиционално расте, цените наместо да се стабилизираат, продолжуваат да одат нагоре.
Но, она што најмногу загрижува е фактот што ова, според економските движења, веројатно не е крајот на бранот поскапувања. Високите цени на горивата веќе се прелеваат врз транспортот, дистрибуцијата и крајната малопродажна цена. Кога на тоа ќе се додаде и растот на нафтата на светските берзи, каде цената на Brent се движи околу 103 долари за барел, јасно е дека нов ценовен притисок допрва се подготвува.
Дополнителна неизвесност носат и воените случувања и тензиите на Блискиот Исток, особено конфликтот поврзан со Иран, кои директно влијаат врз глобалните енергетски пазари. Во ваква атмосфера, секое ново нарушување на снабдувањето или нов раст на цената на суровата нафта може да предизвика ново поскапување и кај храната, и кај другите секојдневни производи.
Во исто време, зголемувањето на примањата останува скромно во споредба со растот на трошоците. Минималната плата за март е зголемена за 1.667 денари и според објавените информации ќе достигне 26.046 денари нето, а исплатата ќе се почувствува во април. И пензиите добиваат линеарно зголемување од 1.000 денари, исто така со исплата во април, што беше најавено уште со законските измени.
Но, за голем дел од граѓаните овие суми не значат вистинско олеснување, туку само краткотрајно ублажување на ударот. Кога само неколку артикли од основната кошничка апсорбираат поголем дел од месечните приходи, тогаш и најмалото одење во маркет се претвора во внимателна математика. Наместо избор, сè почесто има откажување — од количина, од квалитет, па дури и од производи што порано биле редовен дел од трпезата.
Сликата е уште поалармантна затоа што граѓаните веќе не зборуваат за луксузни производи, туку за основни намирници. Ако и во буџет-маркетите пазарувањето станува луксуз, тогаш проблемот не е само во поединечни цени, туку во сериозно нарушеното секојдневие. Велигден доаѓа, но наместо празнична атмосфера, многу семејства го чекаат со страв од нови цени, нови поскапувања и нов удар врз и онака истенчениот буџет.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


