Centar.mk
фото Министерство за социјална политика, демографија и млади /. 13.3.2026
-МАКЕДОНИЈА

Одржан првиот состанок на работната група за итни законски измени за посилна заштита на жените жртви на насилство

Со цел зајакнување на системската заштита на жените жртви на насилство и подобрување на законската рамка, денеска се одржа првиот состанок на Работната група за следење, анализирање и давање препораки за подобрување на националната легислатива за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и за подготовка на предлог итни измени на законодавството.

На работната средба присуствуваа заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Состанокот се одржа во Министерството за социјална политика, демографија и млади, согласно заклучокот донесен на Итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои:

-Законот за полициски овластувања;

-Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство;

-Законот за социјална заштита;

-Законот за правда на децата;

-Законот за бесплатна правна помош;

-Законот за кривична постапка;

-Законот за парнична постапка и

-Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.

Членовите на работната група се номинирани претставници од релевантни институции и граѓански организации, меѓу кои: Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладиниот сектор, надлежните судови, Јавното обвинителство, претставници од академската заедница и од Собранието. Во работата на групата се вклучени и надворешни соработници од меѓународниот сектор.

На состанокот беше заклучено секоја институција до следната средба да достави конкретни предлози за законски измени, како и измени на подзаконски акти, правилници и протоколи, согласно утврдените потреби. Целта е да се обезбеди поефикасна практична примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство.

Можеби ќе ве интересира

Серија апсења на повеќе локации низ Скопје и Крушево – МВР во акција против криминалот

ДЕСК

Го нападнал татка си, па му го запалил возилото – детали за инцидентот во Скопје

ДЕСК

Уапсен вработен во “Комунална хигиена Скопје” оти нападнал колега кој вршел дејствија во својство на внатрешна контрола

ДЕСК