Centar.mk
СВЕТ

Иранската револуционерна гарда: Ормускиот теснец останува затворен

Тајната служба на Корпусот на Исламската револуционерна гарда го предупреди населението да не излегува на улица, додека командниот центар на оваа елитна единица претходно објави дека има намера да го држи затворен Ормутскиот теснец, кој е клучен за светската трговија со нафта.

Државната телевизија IRIB News издаде соопштение во кое им се заканува на потенцијалните демонстранти со уште построга репресија отколку за време на протестите кон крајот на декември и почетокот на јануари во кои, според американските активисти за човекови права во Иран (HRANA), беа убиени повеќе од 7.000 луѓе, пренесува дпа.

„Ќе ги гониме предавниците 24 часа на ден“

Демонстрациите, првично предизвикани од тешка економска криза, беа најзначајните немири во земјата во последните години. Тајната служба објави дека ќе ги гони „предавниците“ 24 часа на ден. Според соопштението, „злиот непријател“ поттикнува страв и улични немири затоа што не успеал да ги постигне своите цели на бојното поле.

Иранската Исламска револуционерна гарда претходно изјави дека има намера да го држи Ормускиот теснец, клучна бродска линија за светските резерви на нафта, затворен за сообраќај.

„Ги следиме упатствата на новиот врховен лидер“

Командниот центар на елитната единица, според новинската агенција Фарс, изјави дека ги следи упатствата на новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи. Сите танкери и бродови што пловат во Ормускиот теснец мора да ги почитуваат иранските прописи за сопствена безбедност, се наведува.

Гардата, исто така, изјави дека ќе продолжи со нападите „со полна сила“ врз американски и израелски цели во регионот.

Превозот низ теснецот, воден пат широк околу 55 километри помеѓу Иран и Оман, практично се распадна поради иранските напади врз комерцијални бродови, при што неколку бродови беа погодени во последните денови.

Неможноста за транспорт на нафта низ теснецот предизвикува сериозна нестабилност на глобалниот енергетски пазар и ги зголемува цените на нафтата и бензинот./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Турски брод помина низ Ормускиот теснец со дозвола од Иран

C +

Трамп до лидерите на Г7: Иран наскоро ќе се предаде, го решив ракот што им се закануваше на сите

C +

Иран наскоро може да добие нов сојузник во војната против Америка и Израел

C +