Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика американскиот претседател Доналд Трамп да го зголеми притисокот врз рускиот лидер Владимир Путин, а не врз него, отфрлајќи ја идејата за брзо примирје по повеќе од четири години војна.
Во интервју за „Политико“ и „Велт“, Зеленски рече дека украинскиот народ е уморен, но дека моралот останува на високо ниво и дека не е подготвен да прифати руски ултиматуми за предавање на територија на истокот од земјата.
Зеленски, исто така, апелираше до европските лидери да обезбедат долгорочно финансирање за Украина и да најдат начин да го заобиколат ветото на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кое го блокира заемот од ЕУ од 90 милијарди евра.
Неговите изјави доаѓаат откако Трамп минатата недела изјави дека Зеленски треба да постигне договор, истакнувајќи дека верува дека Путин е повеќе спремен за компромис.
Украинскиот лидер потврди дека испраќа тимови експерти за беспилотни летала во Заливот за да им помогнат на американските сојузници да се одбранат од иранските напади, надевајќи се дека за возврат ќе добие американски ракети PAC-3 за системите „Патриот“.
– Не ѝ веруваме на Русија, но верувам дека Американците сакаат да ја завршат оваа војна. Потребен е поголем притисок врз Русија, а не врз мене – рече Зеленски./Извор:Makfax


