Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои голема неизвесност околу иднината на Иран по ескалацијата на војната на Блискиот Исток.
Тој рече дека дел од иранските функционери кои САД ги сметале за можни идни лидери на земјата загинале во заедничката американско-израелска кампања на бомбардирање.
„Повеќето луѓе што ги имавме на ум се мртви“, изјави Трамп на почетокот на средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа. Тој додаде дека е можно новиот лидер на Иран да биде исто толку лош како врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи, кој беше убиен во напад минатата сабота.
Коментарите на Трамп доаѓаат во момент кога израелските сили заземаат нови подрачја во јужен Либан и наредија евакуација на најмалку 80 либански села.
Израелската војска соопшти дека мерката има за цел да ги заштити израелските погранични градови од ракетните напади на Хезболах, милиција поддржана од Иран. Во исто време, израелски борбени авиони извршија силни воздушни напади во близина на Бејрут и иранскиот главен град Техеран.
САД ги затворија своите амбасади во Саудиска Арабија и Кувајт откако беа погодени со дронови и ги повикаа американските државјани веднаш да напуштат 14 земји на Блискиот Исток.
Иранската државна телевизија ИРИБ објави дека ирански дрон погодил област во близина на американскиот конзулат во Дубаи. Канцеларијата за медиуми на владата на Дубаи соопшти дека пожарот предизвикан од инцидентот со дрон е ставен под контрола и дека нема повредени.
Трамп изјави дека одлуката за воена операција била донесена за да се спречи можен напад од Иран.
„Преговаравме со тие луѓе, а моето мислење беше дека ќе нападнат први“, рече тој.
На прашањето дали Израел го притиснал да започне воена акција, Трамп одговори: „Ако ништо друго, можеби јас го поттикнав Израел“.
Американски официјални лица запознаени со разузнавачките податоци, сепак, велат дека Трамп ја преувеличил непосредноста на заканата од Иран.
Во официјалното известување испратено до Конгресот, Трамп наведе дека нападите врз Иран се изведуваат за заштита на САД, американските сили на Блискиот Исток и за одбрана на регионалните сојузници, меѓу кои и Израел.
Тој нагласи дека не постои временска рамка за завршување на воените операции.
„Иако САД се стремат кон брз и траен мир, во овој момент не е можно да се предвиди целосниот обем и траење на воените операции“, напиша Трамп во писмо до сенаторот Чарлс Е. Грасли, привремен претседател на Сенатот.
Од саботата, кога САД и Израел започнаа напад врз Иран, а Техеран возврати со стотици дронови и ракети, загинале повеќе од 800 луѓе, најмногу во Иран, но и на други места на Блискиот Исток./Извор:Makfax


