Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја покрене операцијата против Иран, во координација со Израел, следела по недели дипломатски притисоци и интензивна разузнавачка подготовка, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на официјални и регионални извори.
Според израелскиот „Џерусалем пост“, месеците собирање разузнавачки податоци резултирале со детална листа на цели, вклучувајќи локации на клучни ирански команданти и високи функционери. Во подготовките учествувале израелските и американските служби, при што биле разменувани информации на повеќе нивоа.
Како што наведува медиумот, во првиот бран учествувале околу 200 авиони, а „секој пилот и екипаж добил прецизно дефинирани цели, со утврдена рута и време на извршување“. Нападите биле насочени кон командни центри и оперативни простории поврзани со иранските безбедносни структури.
Околу два часа по почетните удари, Иран возвратил со напади врз цели поврзани со САД во Заливот и со ракетирање кон Израел. Во тој момент, според наводите, ајатолахот Али Хамнеи веќе бил убиен.
Во анализата, „Џерусалем пост“ го опишува Хамнеи како идеолошки тврд лидер кој во текот на своето долгогодишно владеење ја зацврстил улогата на Иран преку поддршка на сојузници како Хезболах и Хамас, како и преку развој на безбедносната и нуклеарната инфраструктура.
Текстот заклучува дека неговото наследство ќе биде клучен фактор за идниот правец на Иран, додека останува отворено прашањето како ќе постапат неговите наследници./Извор:Makfax


