Американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека сака што поскоро да ја заврши војната со Русија, дознава порталoт „Аксиос“ од украински функционер и уште два извори запознаени со разговорот. Според изворите, Трамп сака да постигне мировен договор до летото, но остануваат значајни разлики меѓу Украина и Русија, особено околу прашањето за територијалната контрола во источна Украина.
Получасовниот телефонски повик беше првиот контакт меѓу Трамп и Зеленски од нивниот состанок во Давос кон крајот на јануари, објавува Аксиос.
Разговорот се одржал еден ден по четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина и еден ден пред закажаната средба на претставниците на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, со украинскиот преговарачки тим во Женева. Кушнер и Виткоф, исто така, учествувале во телефонскиот разговор со Зеленски.
Според извор запознаен со плановите, рускиот претставник Кирил Дмитриев би можел да биде во Женева во четврток на одделни разговори со претставниците на САД.
Три извори рекоа дека разговорот меѓу Трамп и Зеленски бил многу пријателски и позитивен, објави „Аксиос“. Украински функционер и друг извор рекоа дека Зеленски му се заблагодарил на Трамп за неговата досегашна помош и рекол дека само Трамп може да го натера Путин да ја запре војната.
„Зеленски потоа рекол дека се надева оти војната ќе заврши оваа година, а Трамп рече дека војната траела предолго и дека сака таа да заврши во рок од еден месец“, рече еден од изворите. Белата куќа не одговори на барањето за коментар.
Една од темите на дискусија беше можен трилатерален самит меѓу лидерите на САД, Украина и Русија.
Зеленски минатата недела за „Аксиос“ изјави дека преостанатите разлики околу територијалното прашање би можеле да се премостат преку директни разговори меѓу него, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп, според извори, му рекол на Зеленски дека ќе работи на организирање на таков трилатерален самит доколку следниот состанок на преговарачите на САД, Русија и Украина, закажан за почетокот на март, донесе поголем напредок.
„Очекуваме оваа средба да создаде можност за подигнување на разговорите на ниво на лидери. Претседателот Трамп поддржува таков редослед на чекори. Ова е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, напиша Зеленски на X.
Украински функционер рече дека Трамп ја повторил својата подготвеност да ѝ понуди на Украина значајни безбедносни гаранции од САД како дел од евентуалниот мировен договор со Русија./Извор:Makfax


