Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите, откако Врховниот суд ги поништи царините што тој ги воведе минатата година за низа странски земји.
На конференцијата за новинари во Белата куќа, Трамп рече дека неговиот тим не предвидува поврат на средства и додаде дека верува оти случаите ќе завршат на суд во следните неколку години.
„Напишаа ужасна, погрешна одлука, скоро како да не ја напишале паметни луѓе. На крај ќе бидеме на суд наредните пет години“, рече Трамп.
Судот со шест гласа за и три против одлучи дека Трамп ги надминал своите овластувања кога го искористил Законот за вонредни федерални состојби од 1977 година (IEEPA) за воведување реципрочни глобални царини.
Американските увозници кои минатата година плаќале царини можеби ќе побараат поврат на средства од Агенцијата за царини и гранична заштита, што би можело да чини милијарди долари, иако дел од трошоците можеби веќе ги префрлиле на потрошувачите.
Трамп, исто така, предупреди дека земјите кои, според него, лошо постапувале кон САД ќе „платат цена за тоа“, додека оние кои биле „добри кон Америка“ ќе бидат „многу добро третирани“.
Без да даде конкретни докази, Трамп повтори дека странски интереси влијаеле на одлуката на Врховниот суд да ги укине царините.
„Мислам дека странските интереси ги претставуваат луѓе со големо влијание. Тие имаат големо влијание на Врховниот суд, дали преку страв, почит или пријателства, не знам. Но, ги познавам некои од луѓето од другата страна и не ми се допаѓаат. Мислам дека се вистински ѓаволи“, заклучи Трамп./Извор:Makfax


