Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека САД и Иран се подготвени да постигнат нов нуклеарен договор, но предупреди дека вклучувањето на иранската балистичка програма во преговорите би можело да предизвика уште една војна, пренесе Танјуг.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Фидан рече дека Вашингтон сигнализирал подготвеност да толерира иранско збогатување на ураниум во строго определени граници, додека Техеран „искрено сака вистински договор“ и е подготвен да прифати ограничувања и строги инспекции, слично на договорот од 2015 година.
Според него, инсистирањето на САД да се решат сите прашања истовремено – вклучително и иранскиот арсенал на балистички ракети и поддршката за регионални сојузници – би можело да го блокира напредокот во нуклеарниот дел од преговорите.
Минатата недела во Маскат се одржаа индиректни разговори помеѓу американските претставници Стив Виткоф и Џеред Кушнер (зет на американскиот претседател), и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, со посредство на Оман и дипломатски напори на Турција, Катар и Египет.
И Вашингтон и Техеран го оценија состанокот како позитивен прв чекор и најавија нова рунда преговори./Извор:Makfax


