Интензитетот на нападите кон мене и кон СДСМ се зголеми по договорот „мигранти за пари“ и кога почнавме да ги откриваме и објавуваме милионските тендери на власта, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека сите напади и лажни вести што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ е затоа што како власт единствената цел им е да прават дефокус вистинските реални проблеми.
„Кога започна да се зголемува интензитетот на нападите врз мене и врз СДСМ? Кога откривме дека постои договор „мигранти за пари“, кога почнавме да објавуваме „бомби“, 161 тендер за една фирма, 52 милиони евра преку општините, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра преку Пошта, сè за ортаците на Мицкоски. Кога кажавме дека недостига една милијарда евра, а сега, за жал, веќе недостигаат две милијарди, а јануари сè уште не е ни завршен“, рече Филипче.
Тој додаде дека најжестоките напади започнаа по објавите за Алфа ТВ и нивната меѓународна поврзаност.
„Најжестокиот удар врз нас започна по нашата објава за Алфа ТВ и нивната поврзаност со цела мрежа што оди преку Белград, СНС, па до Будимпешта и Орбан. И тргнаа со сите сили врз нас. Погледнете ги овие токсични, ужасни наслови, тие зборови, тие изрази. Можете ли да замислите како ние се чувствуваме? Дали ние некогаш сме изјавиле, рекле или напишале нешто вакво? Не, никогаш“, рече Филипче.
Притоа, Филипче потенцираше дека додека ВМРО ја бомбардира јавноста со лажни вести, во позадина се одвива сериозна кражба.


