Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Денеска се празнува Богојавление-Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Годинава се пријавени околу 160 граѓани, кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.

Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.

По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе почне „Водосветот“, а потоа околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан ќе го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.

Во Охрид централната богослужба ќе се одржува во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско. Богослужби ќе има и во црквите „Св. Никола- Геракомија“ од каде и потекнува и оваа традиција, „Св. Никола“ во Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Во 9:45 часот литиите од сите цркви ќе тргнат кон Градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Оваа година првпат водите на Охридското Езеро ќе ги освети и во нив Чесниот крст ќе го положи новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј. Најавено е присуство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Сообраќајот се одвива непречено, по наместа влажни коловози

C +

Облачно и студено време, од утре внрежи од снег

C +

Ограбени две финансиски друштва во Скопје во рок од еден час

C +