Centar.mk
СВЕТ

Претседателката на Молдавија: На референдум би гласала за обединување со Романија

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека би гласала за обединување со Романија доколку тоа прашање некогаш се најде на референдум, нагласувајќи дека за Молдавија станува сѐ потешко да „опстои“ како самостојна држава.

Молдавија, земја со околу 2,4 милиони жители сместена меѓу Романија и Украина, во последните години стана цел на руско хибридно дејствување, вклучувајќи кампањи на дезинформации и манипулации со избори, пишува Политико.

„Ако имаме референдум, јас би гласала за обединување со Романија“, изјави Санду, лидерка на проевропската влада во Кишињев, гостувајќи во британскиот подкаст The Rest Is Politics.

„Погледнете што денес се случува околу Молдавија. Погледнете што се случува во светот. Сѐ е потешко и потешко за мала земја како Молдавија да опстои како демократија, како суверена држава и, секако, да се спротивстави на Русија“, нагласи таа.

Молдавија била дел од Романија од 1918 до 1940 година, кога била анектирана од Советскиот Сојуз. Независност прогласи во 1991 година.

На референдумот одржан во 2024 година, тесно мнозинство граѓани на Молдавија – 50,4 проценти – се изјаснија за членство во Европска Унија. На паралелните претседателски избори, Санду освои втор мандат со околу 55 проценти од гласовите, победувајќи противкандидатка со проруски ставови.

Иако отворено ја изрази својата лична поддршка за идејата за обединување, Санду нагласи дека таа опција во моментов нема мнозинска поддршка во Молдавија, за разлика од членството во Европската Унија, за кое земјата официјално поднесе барање во 2022 година.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека околу две третини од граѓаните на Молдавија се против обединување со Романија, додека поддршката за таа идеја традиционално е значително поголема во Романија./Извор:Мakfax

Можеби ќе ве интересира

Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки

C +

САД со предупредување: Американците веднаш да го напуштат Иран

C +

Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени

C +