САД „се подготвени да им помогнат“ на иранските демонстранти, изјави американскиот претседател Трамп, додека бројот на загинати во демонстрациите низ Иран се искачи на повеќе од 100, соопштија активисти.
Додека протестите низ Иран влегуваат во третата недела, иранските власти воведоа комуникациски прекин, а државните медиуми за немирите ги обвинуваат „терористичките агенти“ од САД и Израел.
Бројот на загинати во протестите се зголеми од 65 на 116, со над 2.600 уапсени лица, според американската новинска агенција „Активисти за човекови права“.
Американскиот претседател, кој го бомбардираше Иран минатото лето, ја објави својата поддршка за демонстрантите на Truth Social.
„Иран гледа кон слобода, можеби како никогаш досега“. САД се подготвени да помогнат!“, рече тој.
Не е јасно на каков вид поддршка мисли Трамп, а неговата изјава доаѓа еден ден откако кажа дека САД „многу силно“ би го погодиле Техеран доколку иранската влада „почне да убива луѓе“.
Британската министерка за надворешни работи, Ивет Купер, синоќа ја пофали „храброста“ на демонстрантите кои излегуваат на улиците и покрај насилната репресија.
„Ова се основни права: слобода на говор, мирно собирање и користењето на тие права никогаш не смее да биде проследено со закана од насилство или одмазда“, изјави таа.
Претходно, иранскиот јавен обвинител, Мохамад Мовахеди Азад, упати закани кон демонстрантите дека ќе се соочат со обвинение за „мохаребех“ и ќе им се суди како „непријатели на Бога“.
Делото „мохаребех“ во Иран се казнува со смртна казна.
Обвинителот додаде дека обвинението ќе важи за „немиротворци и терористи“ кои оштетувале имот, ја загрозувале безбедноста, како и за оние кои им помагале.
Исти закани во петокот упати и обвинителот од Техеран, Али Салехи, откако врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ги обвини демонстрантите дека дејствуваат во интерес на Доналд Трамп./Извор:Makfax


