Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ги критикуваше Индија, Обединетите Арапски Емирати и другите земји кои го осудија наводниот украински обид за атентат врз Владимир Путин, а во исто време ги игнорираа масовните руски напади врз украинските градови, пишува The Kiev Independent.
„Збунувачки е и срамно што некои земји, како што се Индија, ОАЕ и неколку други, ги осудија она што го тврдат како наши напади со беспилотни летала врз резиденцијата на Путин – што воопшто не се случило“, рече Зеленски за време на онлајн прес-конференција со украински новинари.
„Каде е нивната осуда на фактот дека нашите деца се бомбардирани и луѓе се убиваат цело време? Искрено, не слушам такво нешто од Индија или од Обединетите Арапски Емирати.“
Русија тврди дека Украина се обидела да ја нападне резиденцијата на претседателот Владимир Путин во регионот Новгород со 91 беспилотно летало. Руските власти не доставија никакви докази за ова тврдење. Украина го негираше обвинението, нарекувајќи го најнов руски обид да ги поткопа мировните преговори.
Министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати во понеделник објави на социјалната мрежа X дека „силно го осудува“ „грозоморниот напад“ и „заканата што ја претставува за безбедноста и стабилноста“. Иако ОАЕ одиграа улога во преговорите за ослободување на воените заробеници, земјата одржува блиско стратешко партнерство со Русија.
Индискиот премиер Нарендра Моди вчера напиша дека е „длабоко загрижен“ од извештаите за наводниот напад и ги повика и Украина и Русија да „избегнуваат какви било дејствија што би можеле да ги поткопаат“ мировните преговори./Извор:Makfax


