Едно лице загина, а тројца се водат како исчезнати откако брод со мигранти потона кај грчкиот остров Самос рано утрово, потврди крајбрежната стража. Дваесет и шест мигранти успеаја да стигнат до брегот во областа Петалидес и ги известија властите дека други се во морето, објави „Еуроњуз“.
Веднаш беше започната масовна операција за пребарување и спасување во која учествуваа бродови на крајбрежната стража, хеликоптер, приватен брод и копнени екипи. Телото на една жена беше пронајдено за време на пребарувањето, додека операциите продолжуваат за пронаоѓање на три исчезнати лица. Националностите на мигрантите сè уште не се објавени.
Смртоносни преминувања преку Медитеранот
Грција е една од главните точки на влез во Европската Унија за мигранти и бегалци од 2015 година, со регистрирани повеќе од еден милион пристигнувања. Стотици луѓе загинаа обидувајќи се да го преминат морето.
Најновите податоци од Фронтекс, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, покажуваат дека нерегуларните миграциски текови низ Источниот Медитеран се намалиле за 30% во првите 11 месеци од 2025 година во споредба со истиот период во 2024 година. И покрај ова, околу 46.200 пристигнувања се регистрирани во грчките води оваа година.
Инцидентот е најновиот во низата неодамнешни трагедии со мигранти во грчките води. На 6 декември, грчките власти пронајдоа 17 тела и спасија двајца мигранти од брод во близина на Крит.
Само два дена подоцна, на 8 декември, 12-годишно момче почина откако беше удрено од пропелер на брод кога шверцер наводно ги принудил мигрантите да скокнат од глисер во близина на Самос. Една недела подоцна, 28 мигранти беа спасени, а тројца се водат како исчезнати откако нивниот брод удри во карпи во близина на истиот остров./Извор:Makfax


