Centar.mk
СВЕТ

Зеленски: Присуството на меѓународни трупи ќе биде вистинска безбедносна гаранција

Присуството на меѓународни сили во Украина ќе ги зајакне безбедносните механизми што веќе ги предложија партнерите на Киев, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Верувам дека присуството на меѓународни трупи ќе биде вистинска безбедносна гаранција, тоа е зајакнување на безбедносните гаранции што нашите партнери веќе ни ги нудат“, рече Зеленски, како што објави Укринформ.

Според него, таквото присуство ќе им даде доверба, пред сè, на украинските граѓани, како и на цивилите и армијата, украинските компании и меѓународните инвеститори, дека Русија нема да ја повтори агресијата врз мирна Украина.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа изјави дека, заедно со европските лидери, имала „многу добар“ разговор со американскиот и украинскиот претседател, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, по нивната средба во Флорида.

Според неа, најважно е Украина да има „цврсти безбедносни гаранции“ од првиот ден кога мировниот договор, за кој се преговара, ќе стапи на сила.

Украина и Соединетите Американски Држави имаат заеднички став за потребата од дипломатски крај на војната, но во случај Русија да го отфрли мировниот договор, меѓународната поддршка за Украина ќе остане непроменета, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Нема алтернатива на мирот. Го делиме ставот со Американците и имаме единствена позиција тука, дека војната треба да се заврши преку дипломатија и да се изврши притисок врз Русија. Во спротивно, војната ќе продолжи. Секако, ако војната продолжи, Американците, заедно со Европејците, ќе продолжат да ѝ помагаат на Украина. Ние се браниме во оваа војна, ние се бориме. Ние не сме агресори“, рече Зеленски, објави Укринформ.

Зеленски вчера разговараше со американскиот претседател во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго за можноста за продолжување на безбедносните гаранции на САД за Украина за период од 30 до 50 години, пренесува Танјуг.

Претседателот на Украина, денес изјави дека не ја исклучува можноста за формирање работна група за изготвување на мировен договор, во која би учествувале четири страни, а во која би учествувале и претставници на Русија.

„Што се однесува до нашите работни групи, украинско-американската работна група веќе постои, таа покажа резултати, разви соодветни документи. Потоа имаше документи каде што ни беа потребни европски партнери, имавме трилатерална работна група и нејзин состанок во Берлин. Сега, кога ќе преминеме, се надевам брзо, на план од 20 точки што треба да го потпишат четири страни – Украина, Европа, Соединетите Американски Држави и Русија, тогаш техничката група веројатно треба да има четири страни. Тоа е во ред за нас“, рече Зеленски, пренесува Укринформ.

Според него, во моментов се поставуваат прашања за можноста за трилатерален состанок – претставници на САД, Украина и Русија на ниво на лидери или телефонски разговори.

„Уште еднаш нагласувам дека не се криеме од никого, отворени сме за сите опции од форматот што можат да нè доближат до завршување на војната“, додаде тој.

Зеленски појасни дека вчера имал средба со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Тој ми рече дека нашите тимови ќе работат сега и дека ќе ме повика подоцна. Му кажав и се согласивме дека сите наши советници ќе дојдат во Киев, ќе собереме сè сега. Во наредните денови, а не недели – бидејќи мора да дејствуваме брзо“, рече тој.

Зеленски додаде дека потоа ќе се одржи средба со европските лидери.

„Ќе се обидеме да ги собереме сите некаде во Европа, а потоа ќе направиме сè за да имаме конструктивен состанок во Соединетите Американски Држави на ниво на лидери и со претседателот на Соединетите Американски Држави“, рече тој.

Основниот документ меѓу Украина, САД, Русија и Европа за завршување на војната од 20 точки мора да биде ратификуван со референдум, рече Зеленски за време на интервјуто со новинарите.

„Веруваме дека планот од 20 точки треба да биде ратификуван на референдум, тоа е најсилниот историски знак за моќта на овој документ. И навистина би сакале да го направиме тоа. Секако, не сите се позитивни по ова прашање. Но, ова дефинитивно води кон отворено изразување на волјата не на една личност, не на 450 луѓе, туку на милион луѓе“, рече Зеленски.

Тој истакна дека ставот на Русија кон референдумот во Украина не е позитивен.

„Референдумот бара безбедност, безбедносна инфраструктура. Ова значи дека е потребно прекин на огнот. А Русите не сакаат да ни дадат прекин на огнот колку што е потребно за да се одржи референдумот. За нас, тоа е период од 60 дена“, рече Зеленски.

Во исто време, според него, безбедносните гаранции мора да имаат сила потврдена со повеќе од еден потпис.

„Силата на овие договори, силата на признавањето на овие договори. Украина го имаше меморандумот од Будимпешта, го потпишаа личности. Не функционираше. Потоа беа договорите од Минск, кои нè доведоа до војна од ваков обем. Сите овие документи не функционираа. Сега се согласивме“./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Пукање во Турција: убиени тројца полицајци и шест членови на ИСИС

C +

Израелската армија доби ново моќно оружје – Железниот зрак

C +

Херојот од Сиднеј во интервју раскажа што му поминувало низ главата за време на нападот: „Тоа го бараше мојата душа“

C +