Centar.mk
СВЕТ

Камбоџа го обвинува Тајланд за бомбардирање додека траат мировните преговори

Камбоџа го обвини Тајланд за интензивирање на бомбардирањето на спорните гранични области додека претставници од двете земји се состануваат за да преговараат за прекин на смртоносните судири. Долготрајниот граничен конфликт меѓу соседните држави повторно се разгоре овој месец и го прекрши претходното примирје, а според официјалните податоци, повеќе од 40 лица ги загубија животите, додека околу еден милион беа раселени, пишува „Гардијан“.

Иако камбоџанските и тајландските претставници денес беа на третиот ден од преговорите на граничниот премин, а состанок на министрите за одбрана е закажан за утре, камбоџанското Министерство за одбрана објави дека тајландската армија утрово извршила силно бомбардирање на спорните области во покраината Бантеј Минчи.

„Од 6:08 до 7:15 часот наутро, тајландската војска фрли дури 40 бомби со борбени авиони Ф-16, интензивирајќи го бомбардирањето во областа на селото Чок Чеј“, се вели во соопштението. Од друга страна, тајландските медиуми објавија дека камбоџанските сили започнале тешки напади во текот на ноќта по границата во покраината Са Каео, каде што неколку домови биле оштетени од гранатирањето.

Двете земји продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за поттикнување нови борби, кои се проширија во речиси сите покраини по должината на нивната заедничка граница. Двете страни тврдат дека дејствувале исклучиво во самоодбрана и се обвинуваат меѓусебно за напади врз цивили.

САД, Кина и Малезија посредуваа во примирје за да се стави крај на петдневните смртоносни борби во јули, но прекинот на огнот беше краткотраен. Претходно денес, камбоџанскиот премиер Хун Манет објави на Фејсбук дека разговарал по телефон со американскиот државен секретар Марко Рубио.

Темата на дискусијата беше „начини за обезбедување прекин на огнот по должината на границата меѓу Камбоџа и Тајланд“. Конфликтот произлегува од територијален спор околу демаркацијата на нивната граница од колонијалната ера, долга 800 километри, и низа урнатини од храмови лоцирани во областа./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

САД започнаа моќен и смртоносен удар на ИСИС во Нигерија, објави Трамп

C +

Ким Јонг Ун објави дека Северна Кореја ќе продолжи да развива производство на ракети

C +

Руски активист и критичар на Путин осуден на шест години затвор

C +