Многу луѓе консумираат повеќе шеќер отколку што сфаќаат. Иако најчесто се поврзува со колачи и газирани пијалоци, шеќерот е скриен и во многу секојдневни прехранбени производи. Клучот е да се направи разлика помеѓу природните шеќери што се наоѓаат во овошјето и додадените шеќери што се наоѓаат во преработената храна. Иако телото ги вари на сличен начин, овошјето доаѓа во „пакет“ со влакна, витамини, минерали и растителни соединенија кои имаат позитивни ефекти врз здравјето.
Овошјето често неоправдано се избегнува поради шеќерот, но истражувањата покажуваат дека редовната консумација на цело овошје всушност може да го намали ризикот од дијабетес и хронични заболувања. На луѓето кои веќе имаат дијабетес им се препорачува да го следат вкупниот внес на јаглехидрати, вклучувајќи ги и природните шеќери од овошјето, но тоа не значи дека треба целосно да се избегнуваат.
Ако сакате да уживате во овошјето, а во исто време да го следите внесот на шеќер, еве листа на овошја кои природно содржат помалку шеќер.
Лимета и лимон
Овие цитрусни овошја имаат минимална количина шеќер – само 1 до 2 грама по овошје – и се исклучително богати со витамин Ц. Тие се идеални за додавање вкус на јадењата и пијалоците.
Малини
Малините се слатки, но со малку калории и богати со растителни влакна. Една чаша содржи повеќе растителни влакна од повеќето други овошја, што ги прави одличен избор за појадок или ужина.
Киви
Кивито е полно со витамин Ц и корисни фитохемикалии кои го штитат здравјето на очите и кожата. Исто така, содржи растителни влакна и е добро за варење.
Капини
Капините се богати со растителни влакна и растителни соединенија кои имаат антиинфламаторни својства и можат да помогнат во зајакнувањето на имунитетот и меморијата. Тие имаат малку повеќе шеќер од малините, но сепак се меѓу овошјата со најмала содржина на шеќер./Извор:Makfax


