На денешната петта седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) се разговараше за клучни прашања поврзани со пазарот на труд, животниот стандард и социјалниот дијалог. Усогласувањето на ставовите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите останува основен принцип во креирањето на економските и социјалните политики.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, го презентираше напредокот во подготовката на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2026 година, со вкупен буџет од 2,39 милијарди денари. Фокусот е ставен на младите, на обуките за вештини што ги бара пазарот на труд и на вклучувањето на ранливите категории, особено лицата со ниско или без формално образование.
„Ставот на Министерството во однос на минималната плата е јасен и заснован на официјални податоци. Инфлацијата покажува стабилизација, а законски утврденото усогласување во март останува единствениот одржлив и предвидлив механизам за раст на минималната плата“, изјави министерот Дурмиши.
Тој нагласи дека висината на минималната плата се пресметува преку транспарентна формула – 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот, со законска гаранција дека таа не може да биде пониска од 57 проценти од просечната нето плата, како модел договорен во рамки на ЕСС и усогласен со европските практики.
Министерот предупреди дека нагло и непланирано зголемување на минималната плата, без поврзаност со продуктивноста и реалните економски капацитети, може да создаде притисок врз малите и средни претпријатија, додавајќи дека целта на Владата е постепен, одржлив и предвидлив раст.
Социјалниот дијалог продолжува, а Економско-социјалниот совет останува клучната платформа за усогласување на ставовите во интерес на граѓаните и стабилен економски развој, велат од Министерството за Економија.
Ќе има радикализација со протести и штрајкови ако не се прифати 600 евра минималец?
Инаку Синдикатите најавија дека ќе има протести ако не им се прифати нивниот предлог од 600 евра минималец.
„Како во 2022 година, веројатноста е дека и оваа 2026 година во јануари и февруари ќе преземеме конкретни мерки и активности за да се избориме за зголемување на минималната плата, а следствено на тоа да не заборавиме зголемување на сите останати плати“, изјави претседателот на ССМ по седницата на Економско социјалниот совет
Според законот само 1500 до 2000 денари покачување на минималецот од април, а во Албанија од Нова Година минималната плата ќе изнесува 510 евра
Македонските граѓани во моментов имаат минимална плата од 24.600 денари. Според пресметките минималецот според усогласување со законот ќе биде зголемен за 1500 до 2000 денари. Истовремено падна одлука во соседна Албанија минималецот да биде над 500 евра.


